Српскиот портал „Крик“ објавил фотографија на која се гледа синот на српскиот претседател Александар Вучиќ, Данило, во друштво со Александар Видојевиќ, кој, според порталот, е запишан во полициската база со податоци како член на Кавачкиот клан и е еден од клучните членови на навивачката група „Јаничари“.

„Крик“ во текстот наведува дека за блискоста на Видојевиќ и Данило Вучиќ говорат нивните заеднички фотографии направени на различни настани и во различни периоди.
Така, според „Крик“, тие заедно присуствувале на Светското фудбалско првенство во 2018 година во Русија на натпревар на српската репрезентација против Костарика, а во јануари годинава, биле фотографирани во Бања Лука, на одбележување на Денот на Република Српска.
Од „Крик“ не соопштиле кога и во кој контекст настанала фотографијата во најновиот текст.
Објавувањето на фотографиите предизвика реакции кај некои високи државни лица.
Српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ изјави дека станува збор за „скандал без преседан“.
„Ние сме навикнати во Србија за обидите на криминал и сатанизација по членовите на семејството на луѓето што се на власт, како средство за политичка борба од страна на опозицијата, но ставањето нечие дете во контекст на подземјето е невиден скандал. За жал, тоа е чиста измислица и авторите ги пишуваат овие лаги за Данило Вучиќ и го ставаат во опасност неговиот живот“, рече Стефановиќ.
Спикерката Маја Гојковиќ, која најостро го осуди последниот напад, реторички се запраша дали сите оние што плачеле за измислени напади врз децата на Драган Џилас, барем овој пат ќе го осудат нападот врз децата на Александар Вучиќ.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на Твитер напиша дека станува збор за таблоидно новинарство и двојни аршини.
Juče: suze i žalost zbog navodnog napada na Đilasovu decu koju ne da niko nije napao, već ih niko nije ni spomenuo.
Danas: "zanimljiva nova fotka predsednikovog sina". I, gde su oni od juče da danas osude ovaj napad i laži?
Tabloidno novinarstvo i dvostruki aršini u punom jeku. https://t.co/NflfWwuA13
— Ana Brnabic (@anabrnabic) May 5, 2020
Српскиот претседател Александар Вучиќ одбил да го коментира текстот на „Крик“, повторувајќи дека ќе зборува за сè, откако ќе се укине вонредната состојба и додал дека неговото мото е „борба“ и дека ќе се бори за сите деца на Србија, не само за неговите.
Главниот и одговорен уредник на „Крик“, Стеван Дојчиновиќ, изјавил дека тие работеле на текстот веќе неколку месеци, дека Данило Вучиќ се појавил во само еден сегмент, и дека не можеле да го прескокнат затоа што, како што вели, тој бил на фотографија со „личност која е дел од кавачкиот клан и очигледно дека тие се дружат “.
Дојчиновиќ додава дека тие не го потенцирале моментот на објавување баш за овој период и дека датумот е одложен поради состојбата со коронавирусот.