Меѓу демонстрантите оџа, поп, но и Теута Арифи – протест во Тетово против казината и обложувалниците

од Vlatko K
120 прегледи

Тетовци уште еднаш го изразија нивниот револт против казината и игрите на среќа. Протестот го организираше Движењето против коцкање, на кој се приклучија верските заедници, уметници и пејачи. Но, на протестот се појави и градоначалничката Теута Арифи. Таа вели дека општината нема надлежност врз казината и обложувалниците.

„Како што знаете, општината за жал нема надлежности во овој дел од законот, затоа во иднина, во било каква законска измена треба да опфати и поголеми овластувања за да се контролираат проблемите кои се случуваат овде, а не, некој друг, на друго ниво, да одлучува за проблемите кои се случуваат тука“, вели Теута Арифи – градоначалник на Тетово.

Од Движењето против коцкање, го повикуваат Премиерот заедно да изградат подобро Тетово, како што им ветуваше кога имаше потреба од гласови.

„Го повикуваме премиерот Зоран Заев да ја добие пораката, бидејќи тој самиот бараше поинакво Тетово и Македонија. Ние сме за да подадеме рака за поинаква Македонија и Тетово, а не Тетово да се претвори во Лас Вегас“, вели Јуши Емрулаи – движење против коцкање.

Претседателот на тетовксото Муфтиство, верува дека властите ќе го слушнат гласот на демонстрантите.

„Јас воопшто не се сомневам дека сите кои се избрани, во секоја структура, на локално или централно ниво, се луѓе со одговорност и секогаш се труделе да го слушнат гласот на народот и денеска сум убеден дека ќе го разберат и посериозно и сигурно ние ќе се спасиме од овој елемент наречен казино“, вели Ќани Несими – тетовски муфтија.

И уметниците се против„ лажната среќа“.

„Нашето општество го зафатила чума, некогаш чумата ги требеше луѓето, а денеска тоа го прават казината“, вели Музафер Етеми – актер.

Движењето против коцкање, јавно побара казината, спортските обложувалници и сите други игри на среќа да се дислоцираат на три километри од населените места, но и да се подготви национална стратегија за едукација за штетите од коцкањето. Тие упатија апел до сите пратеници да не го гласаат предложениот закон од Министерството за финансии, кое како што велат го олеснува функционирањето на бизнисот на игрите за среќа.

 

Извор: ТВ21