Менкиноски: Идната недела ќе дадеме став за предлог-законот за Јавно обвинителство, сега го разгледуваме

од Aleksandar Todeski
410 прегледи

Експертскиот тим во ВМРО-ДПМНЕ го разгледува предлог законот за Јавно обвинителство кој министерката за правда, Рената Дескоска го испратила до нивната партија, вели во изјава за Локално адвокатот Тони Менкиноски, кој е дел од групата експерти на опозициската партија кои преговараат за ново законско решение за Јавно обвинителство со групата експерти од власта, предводени од министерката Дескоска.

„Премногу е кратко времето. Експертската комисија на ВМРО-ДПМНЕ го разгледува предложеното законско решение, работиме на тоа во моментов. Со конкретни информации ќе излеземе откако целосно ќе го разгледаме предлогот. Како што ги следиме сите други законски решенија, го следиме и ова“, рече Менкиноски.

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи нагласи дека овој предлог закон е клуч што ќе ја отвори вратата кон Европа.

„Ова е одлична прилика тој клуч, кој не е на некого, туку на сите, бидејќи мора да го гласаат две-третини од пратениците, заеднички да ја отвориме вратата за преговорите“, истакна Османи.

Претникот на СДСМ, Костадин Костадинов во емисијата „Анализа“ на ТВ24 вчера истакна дека мора да се донесе овој закон за воспоставување на правната држава.

„Еврокомесарот за проширување беше јасен во своите ставови. Сите заложби на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во однос на амнестија на криминалот и криминалците не смее да помине. Од суштинска важност за државата е да помине новиот закон за Јавно обвинителство. Ги повикуваме сите политички партии да се издигнеме сите заедно над партиските интереси и да го поддржиме законот. Со тоа ќе покажат дека се залагаат за правна држава“, рече Костадинов.

Раздвижувањето околу Законот за Јавно обвинителство доаѓа по изјавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји дека овој закон е неопходен за отпочнувањето на преговори со Европската Унија, но и како фрлена ракавица од Дескоска кон опозицијата по низа неуспешни преговори долги неколку месеци. Како што Локално неофицијално дознава, министерката за правда до ВМРО-ДПМНЕ го испратила истото законско решение кое им го доставила и последниот пат, кога не добила фидбек од опозициската партија.

А.Т.

Слични содржини