Меркел: Трговијата со мигранти треба да се спречи

од Берта Китинска

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави денеска во Истанбул, по средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, дека Европската унија (ЕУ) ќе продолжи да и дава поддршка на Турција во врска со прашањето за илегалната миграција.

„Јасно кажав дека поддршката на ЕУ за Турција по ова прашање ќе продолжи“, рече Меркел на прес -конференција, пренесе агенцијата Анадолија.

Меркел истакна дека спречувањето на трговијата со луѓе, односно мигрантите, е од клучно значење.

„Сакаме да спречиме трговија со луѓе. Тоа е неопходен, услов ЕУ да ја поддржи Турција по тоа прашање “, нагласи таа.

Германската канцеларка изрази уверување дека идната германска влада ќе дејствува во согласност со заедничките интереси во односите со Турција.

„Ние секогаш имаме заеднички интереси. Така, сегашната федерална влада на Германија ќе ги набљудува односите меѓу двете земји, во сите нивни пошироки рамки, со сите позитивни и проблематични аспекти. Нашиот мир и нашата доверба се меѓусебно поврзани“, рече Меркел.

Таа посочи дека Турција даде важен придонес во приемот на сириските бегалци.

„Турција, како сојузник во НАТО, е важен партнер за нас. Можеме сами да видиме дека Истанбул е мост помеѓу два континенти“, рече Меркел.

Слични содржини