Металург се испоти максимално за првите плеј-оф бодови

од desk2
123 прегледи

Ракометарите на Металург мораа да работат напорно 60 минути за да успеат да го скршат отпорот на Пелистер, па дури во последните десет минути од средбата успеаја да се изборат за победа од 28:26. Битолчани беа максимално мотивирани и во текот на целата средба задаваа проблеми, но на крајот радоста беше за домашната екипа.

Металург влезе тешко во овој натпревар. Остави премногу простор за составот на Пелистер да го диктира темпото во првиот дел. Имаше многу простор за игра, па гостите тоа успеваа и да го казнат откако лесно доаѓаа до погодоци и без поголеми проблеми ја зголемуваа предноста. Од средината на првиот дел Пелистер успеа да стигне најмногу до плус пет гола и да води со 13:8, а на одмор замина со 14:11.

Овие три гола негатива беа причина за Металург да заигра далеку помотивирано во вториот дел. Очигледно потценувањето на противникот го стори своето, па место да се заврши работата во првото полувреме мораше во продолжението од натпреварот да се бара победата. Приклучок беше фатен после десетина минути игра, а новото израмнување беше обезбедено при 20:20. Тука дојде до уште еден погодок за предност на Металург од 21:20, а потоа оваа разлика без поголем проблем се зголемуваше.

Највисоките 27:23 беа обезбедени на три минут до крајот од средбата. овие четири гола беа доволни за да може да се дојде до крајот со победа. Гостите намалија, но немаа сили за пресврт, па успеаја само да го ублажат поразот. На тој начин бодовите останаа во Автокоманда откако Металург дојде до триумф од 28:26.

Кај Металург Танкоски со осум гола и Шпенде со пет беа лидери кај стрелците, додека во Пелистер по осум гола имаа Станојевиќ и Кобетиќ.

МЕТАЛУРГ – ПЕЛИСТЕР 28:26 (11:14)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Гледачи: 500. Судии: Димитар и Дејан Георгиевски од Скопје. Делегат: Русе Наумовски од Скопје.

МЕТАЛУРГ: Дупјачанец, Даниловски, Јагуриновски 2, Димитриоски 2, Токиќ 3, Шилегов 1, Танкоски 8, Серафимов 2, Чориќ 1, Младеновиќ, Шпенде 5, Пучник 2, Миличевиж 1, Маџовски 1, Стојановиќ, Арсеновски.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 6 мин.

ПЕЛИСТЕР: Плех, Јовановски, Ристевски, Петров, Маџовски 4, Поповиќ 2, Гуглета, Димитровски 1, Апостоловски, Станојевиќ 8, Лековиќ, Димитровски 1, Кобетиќ 8, Стоилевски 1, Табанге, Дрогришки 1./24 rakomet