Мицкоски: Србија е искрен партнер и пријател, со кого ја споделуваме визијата за стабилен, безбеден и просперитетен Балкан

Гасното и коридорското поврзување меѓу Македонија и Србија, е темата на која премиерот Христијан Мицкоски разговарал на денешната средба со премиерот на Република Србија, Ѓуро Мацут кој престојува во официјална посета на нашата земја

од Vladimir Zorba
24 прегледи

Гасното и коридорското поврзување меѓу Македонија и Србија, е темата на која премиерот Христијан Мицкоски разговарал на денешната средба со премиерот на Република Србија, Ѓуро Мацут кој престојува во официјална посета на нашата земја.

-Разговаравме за гасно и коридорско поврзување, како и за унапредување на економската соработка меѓу двете држави. Уверени сме дека заедничките проекти ќе придонесат за посилни врски и подобра иднина за нашите граѓани, напиша премиерот на неговиот Фејсбук профил.

Од владината прес-служба информираат дека двајцата премиери разговарале и за унапредување на билатералните односи, економската соработка и инфраструктурното поврзување. Акцент бил ставен и на трговската размена, заедничките енергетски проекти и олеснувањето на движењето на луѓе и стоки.

Премиерот Мицкоски истакнал дека Србија е искрен партнер и пријател, со кого ја споделуваме визијата за стабилен, безбеден и просперитетен Балкан.

Мацут изразил поддршка за реформските процеси во државата и нагласи дека Белград и Скопје ќе продолжат да соработуваат на заеднички проекти кои се во интерес на граѓаните на двете земји. Двете страни се согласиле дека продлабочувањето на пријателските врски меѓу двете држави претставува значаен придонес за регионалната стабилност и европската перспектива на Западен Балкан.