„Велат дека на Мицкоски не може да му се верува и дека ќе го поништи Договорот (Преспанскиот), па еве го вративме. Дури и Венко, на кого му беше полна устата со Северна, сега користи Македонија. Дури и СДСМ, кои потпишаа такви капитулантски договори како Преспанскиот и прифати капитулација пред Бугарија, денеска се најголемите патриоти, мислиш дека ќе тргнат да освојуваат територии, до таму устата им е полна со Македонија, ниту еднаш не кажале Северна. Така што, еве – го вративме“, рече синоќа премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги критиките од СДСМ за темата со мигрантите, од каде што велат дека не може да му се верува, меѓу другото, затоа што ветуваше поништување на Договорот со Грција.
Според премиерот, СДСМ водат лоша и лажна кампања, која што, како што вели, повторно ќе им се удри од глава на избори. Тој побара „зрела опозиција“и смета дека лоша опозиција не е добра за државата.
Мицкоски потенцира дека во моментов не водат разговори со друга земја за увоз на работна сила.
Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче вчера го повтори тврдењето дека Владата официјално преговарала за прием во земјава на одбиени баратели на азил од Велика Британија. На прашањето зошто не му се доволни демантите што стигнуваат од власта, па се оди на ескалирање на ситуацијата до ниво да се предлага потпишување резолуција, Филипче рече:
„Дали не беше за премиерот Преспанскиот договор незавршена работа? Дали немаше никогаш да каже Северна Македонија? Дали ќе си поднесеше оставка ако се утврдеше врска на агенцијата за обезбедување на тој нивен член на ВМРО-ДПМНЕ со дискотеката ‘Плус’? Еве три работи зошто не може да му се верува на човекот. Еве сега оваа работа. Но, тоа е само еден дел од причините. Такви изјави има секојдневно“, кажа лидерот на СДСМ.