Србија во моментов прави се за да ја намали зависноста од Русија и да добие нови добавувачи на гас, истакнува вицепремиерката на српската влада и министер за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ.
Во изјава за австриските новинари таа рече дека Србија во моментов е 100 отсто зависна од рускиот гас и дека има договор за повеќе од две милијарди кубни метри од таа земја, но дека и се потребни 3,5 милијарди кубни метри до крајот на грејна сезона.
Затоа Србија, нагласи таа, закупи складиште за гас со капацитет од 500 милиони кубни метри.
Таа потсети и дека Србија поседува 49 отсто од складиштата во Србија, а 51 отсто е во сопственост на „Газпром“ и дека во тоа складиште има 280 милиони кубни метри гас.
„Ќе дадеме две милијарди евра за гас. Можеше да биде и до четири милијарди евра за гас и струја“, рече таа, пренесува АПА.
Михајловиќ подвлече дека Србија не вовела санкции кон Русија, туку се согласила со декларацијата во ОН.
Според неа, главниот проблем е што нема диверзификација во однос на гасот, па ситуацијата е тешка за секој министер за енергетика.
Михајловиќ рече дека веќе се направени првите чекори Србија да стане понезависна од Русија.
Така, со поддршка на ЕУ се гради гасовод до Азербејџан, а од септември идната година преку него во земјата треба да стигне и до 40 отсто од гасот надвор од Русија.
За две години, рече таа, ќе биде завршен гасоводот до Северна Македонија, кој ќе има годишен капацитет до една милијарда кубни метри, кој исто така се гради со поддршка на ЕУ.
Се планира уште еден гасовод кон Романија.
Дополнително, посочи таа, се планира поврзување на терминалот за течен нафтен гас во Хрватска, кој во моментов е во изградба.
Исто така, Србија треба да добие приклучок до терминалот во Албанија, кој треба да има капацитет од пет милијарди кубни метри годишно.
„Не е лесно, но имаме план“, изјави Михајловиќ.
Таа наведе дека е потребна промена и во снабдувањето со електрична енергија бидејќи во моментов околу 70 отсто од производството на струја отпаѓа на старите електрани на јаглен.
Овде, како што вели, треба да се премине на одржливо производство на енергија.
Енергетската криза, смета таа, придонесе за подобро разбирање во оваа област, а кога станува збор за тоа, Михајловиќ особено ги полага своите надежи на иницијативата „Отворен Балкан“.
На почетокот на следната година Србија, Северна Македонија и Албанија ќе формираат економска зона без царини, ограничувања на движењето на капиталот, со заеднички пазар на труд и меѓусебно признавање на дипломите.
„Кога луѓето ќе видат што носи оваа иницијатива, ќе се приклучат и други земји“, убедена е Михајловиќ, додавајќи дека „Отворен Балкан“ е отворен за сите земји од регионот.
Истовремено, подвлекува, Србија е на европскиот пат.
„Владата сака да тргне по европскиот пат. Но, поддршката од населението на ЕУ очигледно опаѓа. Додека на почетокот 56-57 отсто беа за влез во ЕУ, сега тоа е само 45 отсто. Но, кога ќе ги прашате луѓето каде нивните деца да учат, велат Западна Европа, ЕУ и САД. Никој не ја спомнува Москва“, истакна Михајловиќ.