Некогаш европски гигант, сега само предмет за потсмев во Серија А – тимот на Милан не успеа да стигне до победа ни на гостувањето кај апсолутниот аутсајдер Фросиноне. Резултатот 0:0 значи дека Милан не успеа да постигне гол четврти натпревар по ред, а тренерот Џенаро Гатузо сега се наоѓа во голема опасност да ја загуби работата.

За разлика од претходните неколку натпревари, Милан почна далеку поофанзивно и со двајца напаѓачи се обиде да стигне до гол уште на почетокот на натпреварот. Како и многупати претходно, експериментирањето на Гатузо не донесе ништо позитивно.
Во првото полувреме Милан беше доминантен и создаде неколку одлични шанси за гол, кои сепак не успеа да ги реализира. Од другата страна, Фросиноне се обиде да се закани, но играчите на овој мал италијански клуб едноставно не се доволно квалитетни за да бидат сериозна опасност за некој од поголемите клубови во Серија А.
Милан нема победа во последните четири лигашки натпревари, а како најголем виновник се посочува Џенаро Гатузо, кој како тренер на некогашнот италијански гигант не успеа да внесе никаква свежина во играта. Баш напротив, тимот ја изгуби дефанзивната цврстина од почетокот на сезоната, а напаѓачите веќе заборавија како се постигнуваат голови.
Раководството минатата недела му даде ултиматум на Гатузо дека мора да ги победи следните два натпревари против Фросиноне и СПАЛ. До крајот на оваа недела веројатно ќе се знае иднината на Гатузо како тренер на Милан, но италијанските медиуми не предвидуваат добри работи за Италијанецот.