Милошоски: Ако СДСМ сака да има „Северна Македонија“ во Резолуцијата, нека го направат тоа, само да не ја менуваат содржината

од Nikola Popovski
465 прегледи

„Заев не би бил Зоран доколку не ги менува ставовите и позициите“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски за дневникот на ТВ Сител, коментирајќи ја вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев дека треба да се почитува уставното име во поднесената Резолуција до Собранието.

„Прво од СДСМ велеа дека Резолуцијата не е потребна и е хир на ВМРО-ДПМНЕ, потоа кога видоа дека во јавноста има добар одек, рекоа дека ќе ја поддржат, за вчера да слушнеме дека на Заев не му пречи содржината туку формата и името Северна. Оваа резолуција не се однесува на Грција и Преспанскиот договор“, посочи Милошоски, додавајќи дека оваа Резолуција е во согласност со МАНУ и УКИМ.

Според него, таа е натпартиска и спикерот Џафери треба што побрзо да ја стави на дневен ред.

„Ако СДСМ смета дека треба да има „Северна Македонија“ во формата нека го направат тоа, но да не ја менуваат содржината“, потенцира Милошоски.

Премиерот вчера потсети дека во документот, секаде каде што се наведува името на државата, треба да стои Република Северна Македонија.

„Ако некој сака да го избегне уставното име, нека го прави тоа сам, ние тука нема да партиципираме. Нема да го кршиме Уставот. Уставното име на државата е Република Северна Македонија. Ја поддржуваме Декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе застанеме зад неа, на сите да им биде јасно дека сме сите заедно застанати во заштита на македонскиот јазик и идентитет, но тоа не значи дека треба да го кршиме Уставот”, рече Заев.

Слични содржини