Минималецот ќе остане 24.400 денари до март наредната година ако не се избере репрезентативен синдикат

од Vladimir Zorba
401 прегледи

По првомајскиот протест, Сојузот на синдикати на Македонија почна кампања за привлекување нови членови под мотото „Не им работи за џабе, приклучи се на Сојуз на синдикатите на Македонија! Само заедно можеме да се избориме за работничките права“.

Социјалниот дијалог во државата е запрен, бидејќи Владата се уште не закажала седница на Економско социјалниот совет на која треба да се утврди кој ќе биде репрезентативен синдикат. Доколку не се избере репрезентативен синдикат можно е годинава минималната плата да остане иста 24.400 денари и да го чека новото законско усогласување во март 2026 година.

-Борбата за зголемување на работничките плати се води секој ден. Од почетокот на годината, Сојузот на синдикатите на Македонија и синдикатите здружени во ССМ организираше 9 протести за зголемување, но и за исплата на плата и тоа за барањата на вработените од неколку министерства за утврдување на 30 отсто додаток на нивните плати, барањето на вработените во Колска и во културата за исплата на плата по колективен договор, барањето за зголемување на минималната плата за дополнителни 6.000 денари и останатите плати за истиот износ. Истовремено, правните тимови на ССМ и синдикатите здружени во ССМ, веќе подготвуваат тужби од работниците заради непочитување на Општиот колективен договор за јавен сектор, како и гранските и колективните договори на ниво на работодавач за неисплаќање на зголемувањето на платите предвидено со истите, туку се спроведуваат парцијални решенија со кои работниците не се задоволни, изјави за „Локално“, Слободан Трендафилов претседател на ССМ.

Слободан Трендафилов

Слободан Трендафилов

За жал, како што вели не може да се зборува за социјален дијалог затоа што 5 месеци е одземено правото на ССМ за учество на Економско социјалниот совет заради фактот што се уште не е утврдена репрезентативноста на ССМ. Поради тоа не може да се закаже седница на ЕСС на која конечно ќе треба да се изјаснат и работодавачите и Владата дали ќе има дополнително зголемување на минималната плата, како и зголемување на останатите плати. Од ова ќе зависат и понатамошните чекори на ССМ.

-Во услови на зголемени трошоци за живот, зголемена вредност на синдикалната минимална кошница особено по завршувањето на мерките на Владата, потребен е раст на платите. За тоа не зборуваме само ние од ССМ туку се погласно зборуваат работниците и граѓаните кои на свој грб ја чуствуваат оваа неправда, додава Трендафилов.

Од ССМ велат дека доколку не се избере репрезентативен синдикат можно е годинава минималната плата да остане иста 24.400 денари и да го чека новото законско усогласување во март 2026 година. Оттаму додаваат дека со последното усогласување во март се коригираа само минималните плати и повторно не се испочитува Колективниот договор за целиот јавен сектор, кој предвидува со порастот на трошоците за живот, платите да се коригираат за 12,6 проценти.

Од власта остануваат на ставот дека зголемувањето на платите треба да биде во контекст со зголемување на продуктивноста на работниците и подобрување на економската состојба во државата.

Б.С.

Слични содржини