Минималецот ќе порасне на 26 илјади, далеку од барањата на синдикатите за 36 илјади денари

Оваа плата е недоволна имајќи во предвид дека само за еден месец минималната синдикална кошница порасна за 969 денари, за два месеци повеќе од годишното усогласување на минималецот. Поради тоа секој друг предлог за зголемување на минималецот кој е помал од 600 евра е несериозен и неможе да ги покрие месечните трошоци на едно семејство, изјави за „Локално“, Иван Пешевски потпретседател на ССМ

од Vladimir Zorba
95 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ Сител

Прашањето дали ќе се зголеми минималната плата и за колку се уште е во фокусот на јавноста. Последниве месеци работодавачите излегоа со најразлични пресметки за тоа за колку може да се зголеми минималецот, а тоа сепак да не се одрази на рентабилното работење на компаниите. Бројките се движеа од 28.500 до 30 илјади денари. Но, според синдикатите овие суми се несериозни и недоволни да ги покријат месечните трошоци на едно семејство.

Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија, согласно Законот за минимална плата таа во март ќе се зголеми за 1.667 денари и ќе изнесува 26.046 денари.

-Се надеваме на поголем износ од законското усогласување со кое минималната плата би се зголемила на 26.046 денари. Оваа плата е недоволна имајќи во предвид дека само за еден месец минималната синдикална кошница порасна за 969 денари, за два месеци повеќе од годишното усогласување на минималецот. Поради тоа секој друг предлог за зголемување на минималецот кој е помал од 600 евра е несериозен и неможе да ги покрие месечните трошоци на едно семејство, изјави за „Локално“, Иван Пешевски потпретседател на ССМ.

Фото: фејсбук/Принтскрин/ТВ 24

Висина на минимална плата во бруто-износ секој март се усогласува со 50 отсто од порастот на просечно исплатената нето-плата во државата за претходната година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година.

-Работодавачите предложија зголемување на минималната плата кое се движи од 28.500 до 30 илјади денари, со ослободување од давачките за државата. Но, Владата не се согласи да се откаже од делот од придонесите, а ние не се согласуваме на сума помала од 600 евра, бидејќи плата под 36 илјади денари е малку за сегашната инфлација која изнесува над 4 отсто, вели Пешевски.

Според пресметките на синдикатот, за само два месеца од почетокот на годината едно четиричлено семејство е финансиски во полоша позиција за околу 2.000 денари. Во период од две години, пак, вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за повеќе од 10.000 денари.

Министерот за економија, Бесар Дурмиши останува на ставот дека минималната плата ќе се зголеми во март кога ќе се изврши нејзино усогласување и тврди дека ние имаме поголема куповна моќ од Чешка, Литванија, Албанија, Црна Гора, Турција.

Фото: Фејсбук

-Ние не сме против зголемување на минималната плата, но таа треба да се зголеми врз основа на економските параметри – продуктивноста, трудовата моќ…Можеме да имаме и минимална плата од 1.000 евра, но колку вреди таа плата. Ние имаме поголема куповна моќ од Чешка, Литванија, Албанија, Црна Гора, Турција, но ние треба да ги достигнеме европските земји како Белгија, Германија, Хрватска итн. Ние работиме за да го поддржуваме приватниот сектор за да стигнеме до таа точка и секоја ад кох одлука, која не е заснована на економски параметри, ќе придонесе кон затворање на компании и зголемување на инфлацијата, изјави Дурмиши.

Според податоците минималната плата во земјата изнесува околу 24.379 денари, односно приближно 397 евра месечно. Со оваа сума, Македонија е со најниска минимална плата во регионот и значително под нивоата во Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора, каде минималните плати се движат од 444 до над 600 евра.

Б.С.

Слични содржини