Минимална плата: Македонија на „опашката“ во регионот, синдикатот бара 700 евра, економистите предупредуваат – стандардот се топи!

„Мислам дека е јасно како “бел ден“ дека оваа Влада нема намера да ја зголемува минималната плата повеќе од годишното усогласување кое што е предвидено со закон. Веројатно ни тоа не би го направиле, ама е влезено во закон, па мораат“, вели за „Локално“ економистот Јовановиќ

од Nikola Popovski
73 прегледи

Иако годинава ќе зварши со инфлација од близу 4% , далеку повисока во однос на првично проектираната од 2,7%, зголемување на минималната плата нема да има. Сојузот на синдикати на Македонија побара „вонредна“ корекција на минималецот, но од Владата возвратија дека следното зголемување ќе биде во март, 2026 та година, согласно законското усогласување.

Битката за поголем пораст на минимална плата ќе се „прелее“ и во следната година во која повторно Владата прокетираше пониска стапка на инфлација, од 2,5% но сегашните прогнози упатуваат на ризици од нови ценовни притисоци.

Фото: Фејсбук/Принтскрин/РСЕ

„Мислам дека е јасно како „бел ден“ дека оваа Влада нема намера да ја зголемува минималната плата повеќе од годишното усогласување кое што е предвидено со закон. Веројатно ни тоа не би го направиле, ама е влезено во закон, па мораат. Постојано смислуваат некакви квази оправдувања –  де да се договореле синдикатите и работодавачите, де пресметките на синдикатот не биле добри, де растот на плати ќе предизвикал инфлација. Сѐ тоа се само лоши изговори, вистинската причина е дека оваа влада работи за бизнисмените и дека им се поважни нивните профити отколку платите и стандардот на работниците“ – вели за „Локално“, економистот Бранимир Јовановиќ.

Од ССМ објавија истражување според кое Македонија е на „опашката“ не само на европско туку и на регионално ниво во однос на висината на минималната плата.

„Во Македонија, висината на минималната плата изнесува 397 евра и според најавите на Владата истата нема да се менува до март 2026 година кога планираат само законско усогласување кое нема да биде поголемо од 1.600 денари. Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази.  Албанија, од 1 јануари 2026 година, минималната плата ќе изнесува 500 евра.  Србија, од јануари 2026 година ќе изнесува 550 евра. Босна и Херцеговина, минималната плата за 2025 година изнесува 1000 км или 511 евра. Црна Гора, минималната плата изнесува 600 евра за работници до средно образование, а 800 евра за работници со високо образование.“ – соопштија од ССМ .

Фото: Јутјуб/Принтскрин

Дома, од лани овој период  до сега, минималната кошница за едно четиричлено семејство е зголемена за 4.300 денари – од 61.200 на 65.500, што според економистите е аларм дека животниот стандард се „топи“.

„Минималната плата за истото ова време е зголемена за само 1.800 денари. Минималната плата сега покрива само 37% од минималната месечна кошница, што значи дека треба да имате тројца на минимална плата во едно четиричлено семејство, за тоа да може да го преживее месецот. 45% од населението вика дека тешко или многу тешко го преживува месецот. Минималната плата во Македонија е околу 45% од просекот во ЕУ, а нивото на цени е околу 60%, додека цената на храната е 75%. Македонецот на минимална плата јаде 40% помалку отколку што јаде европеецот на минималец.“ – вели Јовановиќ.

Дали и колку треба да се зголеми минималецот – Владата повторно оваа „жешко“ прашање го остава на бизнисот и на синдикатите, иако механизмите се во рацете токму на државата.

Фото: Принтскрин

„Што се однесува до минималната плата имаме закон и во целост го почитуваме тој закон. Дали ќе има некое интервентно згоемување надвор од законот, тоа е предмет на дијалог што го водат синдикатите со работодавачите. Знам дека во ноември ќе имаме седница на Економско-социјалниот совет и очекувам тоа прашање да се отвори таму така што ние како Влада ќе го прифатиме секое решение кое што ќе го договорат работниците и работодавачите“ – изјави неодамна премиерот Христијан Мицкоски.

Според последното барање на ССМ минималната плата во државата треба да изнесува од 600 евра до 700 евра.

Д.А.