Минимален пораст на цените и намалена трговска маржа кај основните производи, утврдија Министерството за економија и Државниот пазарен инспекторат, базирајќи се на направената компаративна анализа на движењето на цените. Најголем скок има кај хигиенските производи од 1,42 насто, а кај маслото за јадење, сирењето и јајцата зголемувањето е за 0,45 проценти.
„Резултатите покажуваат дека во анализираниот период е регистриран минимален пораст на продажните цени од 0,43 отсто, додека набавните цени бележат нешто повисок раст од 1,01 отсто. Истовремено, просечната бруто профитна маржа кај трговците е намалена од 16,28 на 15,80 отсто, што укажува дека дел од притисокот од растот на набавните цени е апсорбиран од трговците, со цел да се задржи стабилноста на цените за граѓаните“, истакнуваат од Министерството за економија.
Според извештајот, намалување на цените има кај овошјето, зеленчукот и безалкохолните пијалаци. Анализата ги опфаќа цените на 55 најпродавани производи, следени во четири трговски синџири, со различно ценовно позиционирање од февруари до април годинава.
„Ќе се следат пазарните состојби и доколку е потребно, ќе има соодветни мерки за стабилизација на цените“, велат од Економија.
Иако, првичните најави беа дека на вчерашната владина седница ќе се разгледуваат анализите од пазарниот инспекторат и Министерството за економија, тоа не се случи.
„Јас нема да ја водам денешната седница поради други обврски што ги имам. Инаку, очекувам да го добијам извештајот и да го изанализираме овие денови и откако ќе го анализираме многу внимателно, тогаш сигурно ќе излеземе со одредени мерки. Сакаме тие да бидат овојпат микро таргетирани“, изјави вчера премиерот Христијан Мицкоски.