Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека договорот со Украина за минерали ќе биде потпишан следниот четврток. Тој одби да го коментира ставот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за Кина, велејќи: „Немам коментар, тоа е негова изјава“. Во Белата куќа, за време на средбата со италијанската премиерка Џорџа Мелони, Трамп изјави дека сака да се спаси што е можно повеќе животи и дека мирот е можен.
Тој најави дека наскоро ќе има повеќе информации, вклучително и за одговорот на Путин. Мелони, пак, рече дека „заедно ја браниме слободата на Украина“ и дека Италија очекува на следниот НАТО самит во јуни да објави исполнување на целта од 2% БДП за одбранбени трошоци. Запрашан за можната „мировна мисија“ во Украина од страна на Британија и Франција, Трамп рече: „Мировните мисии се секогаш добри за мене“.
Покрај безбедносните теми, Трамп првпат изјави дека поддржува склучување трговски договор со ЕУ, нагласувајќи: „Ќе има договор, 100%. Но, ќе биде фер договор“. Мелони изрази уверување дека ЕУ ќе постигне договор за царините и го покани Трамп на официјална посета на Рим.
Зеленски, во меѓувреме, најави дека Украина денес може да потпише меморандум за разбирање со САД за минерали. Тој повторно ги обвини Русија и Кина, наведувајќи дека Москва концентрира 60.000 војници кај Суми, а Кина ѝ доставува артилерија на Русија. Украина нема да дискутира за територијални прашања без претходен прекин на огнот, додаде тој. Трамп исто така најави нови трговски договори со други земји, велејќи дека САД „не брзаат“, но ќе прават „фер зделки“ и со Кина.