Мисајловски носител во втората Изборна единица, Милошоски и Мицевски на добитни места на листите

од Aleksandar Todeski
405 прегледи

Кандидатката за претседател на минатите избори, Гордана Силјановска Давковка ќе ја предводи листата на ВМРО-ДПМНЕ во првата Изборна единица, ексминистерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски втората, а генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев ќе ја предводи листата во третата изборна единица. Четворката ќе биде предводена од потпретседателот на опозицијата, Александар Николовски, петката од оперскиот пејач кој беше на обвинителна клупа за крвавиот 27 април и доби ослободителна пресуда, Игор Друловски, додека пак во шестата изборна единица, носител на листата ќе биде пратеничката Дафина Стојаноска.

Во листите ќе се најде и досегашниот пратеник и ексминистер за надворешни работи, Антонио Милошоски, а борба за пратеничките клупи ќе водат и досегашниот координатор на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и разрешената техничка министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи.

Иако лидерот на партијата, Христијан Мицкоски најави дека на листите ќе има кадри кои не се компромитирани од претходното раководство на партијата, сепак Мисајловски, кој беше министер во влада на избеганиот експремиер Никола Груевски ќе биде носител на листа, а добитно пратеничко место ќе добие и Антонио Милошоски.

На листите, неофицијално ќе се најдат уште неколку пратеници од актуелниот пратенички состав, вкупно десетина, а најголемиот дел од нив ќе имаат добитни места на листите.

Слични содржини