ФБИ минатата година објави документи поврзани со мистеријата на киднапирање авион на летот од Портланд до Сиетл во 1971 година.

Мажот познат како Д.Б. Купер, со закана со бомба зазеде авион кој леташе од Портланд до Сиетл. Откако во Сиетл ги ослободи патниците и посадата, на пилотите им нареди да полетаат за Мексико. Потоа со падобран скокна со 200.000 долари над шумите во Вашингтон. Никогаш потоа не е виден.
ФБИ објави писмо кое наводно е напишано од него, а го пратил до медиумите.
„Од почетокот знаев дека нема да ме фатите. Не го ограбив „Нортвест Ориент“ затоа што е романтично или херојски. Јас не сум модерен Робин Худ. За жал, имам уште 14 месеци живот“, се вели во писмото.
Нема причина да не се верува на автентичноста на писмото затоа што нема најдени отисоци од прсти во авионот за да се споредат.
ФБИ истрагата ја заврши минатата година без објава на идентитетот на киднаперот, а не е исклучена ни можноста тој да загинал при падот. Секако, и автентичноста на писмото никогаш не е потврдена.
Најголемата трага ФБИ ја имаше во 1980 година кога едно момче додека се шетало покрај реката Колумбија во Вашингтон, нашол неколку банкноти од 20 долари, со сериски броеви што одговарале на украдените.
„Мојот живот е полн со омраза, немир, глад и уште повеќе омраза, ова делуваше како најбрз и најпрофитабилен начин да постигнам внатрешен мир. Не ги обвинувам луѓето што ме мразат поради тоа што го направив, ниту ги обвинувам што сакаат да бидам фатен и казнет, иако тоа никогаш нема да се случи“, пишува во писмото.
ФБИ оваа година објави повеќе од 3.000 документи, а истражувачите сметаат дека тој е всушност Роберт Ракстроу, кој во текот на Виетнамската војна управувал со хеликоптер, а денес живее во Сан Диего и има 73 години, пренесе Fox News.