Митревски бранел со температура од 39,5 степени: „Морав да бидам на располагање…“

од Nikola Popovski
72 прегледи

Ракометарите на Македонија и Австрија одиграа нерешено 29:29 во првиот натпревар од групата 2 од втората фаза на Светското првенство. Тоа беше тесен натпревар во кој ниту една од селекциите немаше предност поголема од три гола. Австријците на полувремето водеа со 14:13, додека избраниците на Кирил Лазаров поведоа во 40. минута. Австрија во последните минути поведе со 28:27 со голот на Ерик Дамбок од седмерец во 59. минута, додека Марко Митев го израмни резултатот на 45 секунди пред крајот.

Лукас Хутечек ја врати Австрија во водство на седум секунди пред крајот, но нашите израмнија преку Филип Кузмановски, кој го постави конечниот резултат со скок од далечина, само момент пред да се огласи сирената.

Македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски бранеше и покрај тоа што имал температура од 39,5 два часа пред натпреварот. Имаше три одбрани и прими 19 гола.

„Ве молам држете се настрана од мене. Пред неколку часа имав температура од 39,5 степени, но знаев дека морам да ѝ бидам на располагање на македонската репрезентација со оглед дека имавме неколку играчи со здравствени проблеми“, изјавил Митревски за македонските спортски медиуми.

„Извадивме реми во тесен натпревар. Се играше гол за гол, а среќата не беше на наша страна. Мислам дека ова е реален резултат, но можевме да бидеме подобри во првото полувреме и така да победиме на крај“, додал долгогодишниот голман на Македонија.

Македонија има два бода во групата 2 и сега не очекуваат средби со Катар и Франција. Двете најдобри селекции ќе се пласираат во четвртфиналето.

„Катар одигра тесен натпревар со Австрија, мислам дека и нашиот натпревар ќе биде неизвесен. Ќе го дадеме својот максимум, одиме повторно на победа“, завршил Митревски.

Слични содржини