„Влезете во сала, за да можеме да ги изгласаме законите. Дајте еднаш заедно да направиме добро. Повикајте ги пратениците да влезат во салата“, изјави денес од собраниската говорница, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска побара од владејачкото мнозинство веднаш да закаже итна пленарна седница на која, како што велат, заедно ќе ги разгледаат и едногласно ќе ги изгласаат законите од петти пакет мерки поврзани со финансиска помош на граѓаните и компаниите.
„Стопанството и граѓаните немаат уште време за чекање. Го повикувам парламентарното мнозинство уште денеска да закаже седница и да се донесат законите. Овие пратеници зад мене се подготвени да присуствуваат на седницата“, рече координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски.
Наместо пратенички прашања, денеска прво во Собранието, ќе се одржи 36-тата седница во чии точки на дневен ред се и законите за економската помош од петтиот пакет.