Бизнисменот Зоранчо Митровски при денешното сведочење во случајот „Рекет“, каде обвинети се Бојан Јовановски и Катица Јанева, сподели дека не пријавил за парите побарани од првообвинетиот „од страв и срам“, откако мислел дека „цела работа ќе излезе на виделина“.
Митровски сведочеше дека бил повикан од СЈО како осомничен за случајот „Поштенска банка“. Му било предочено дека тој како сопственик на компанија имал акции во Поштенска банка. Компанијата „Езимит“ произведува вино кое се продава надвор од државава.
Митровски изјави дека бил исплашен од моќта на СЈО за кое, како што рече, „имал многу надеж дека ќе ја донесе правдата во Македонија“.
Кога дознал за средбата на Сашко Бошков и Боки 13 бил исплашен.
– Сфатив колку е сериозна и голема работата и бев исплашен, вели бизнисменот.
Тој вели дека исто бил исплашен од „нефункционалноста на институциите“.
– Не пријавив од страв и срам, мислев дека целата работа ќе излезе на виделина, посочи Митровски, кој е почесен конзул во Латвија. Тој сподели дека го известил амбасадорот на Латвија во земјава што се случува и лично на него.
Амбасадорот пак, според сведокот, имал средба со Министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Подоцна било побарана средба од МНР со сведокот, но не била остварена таква.
Мислам дека Боки падна под влијание на Катица и беше злоупотребен, додава Митровски.
Боки 13 претходно го праша сведокот Сашко Бошков дали преку неговиот адвокат Сашко Дукоски упатувал непристојни предлози, дури тој бил во притвор, но судот му посочи дека такво прашање не е дозволено.
Тој им честита Божиќ на сите што слават.
– На сите верници од католичка вероисповед сакам да им го честитам Божиќ – рече Јовановски.
И.Р.
Фото: Борче Поповски