Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска да ја закаже седницата за распуштање на Законодавниот дом.
„Одлуката е донесена поради се поочигледните обиди на СДСМ да бега од закажаните избори. Сведоци сме дека Зоран Заев и СДСМ имаат нови барања за одржување на изборите. Џафери беше дециден во своите изјави дека Собранието мора да се распушти на 12 февруари и дека ако треба, тој како пратеник ќе ја побара седницата за распуштање, па денес ние го бараме тоа од него“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Тој посочи дека претседателот на Собранието треба да остане доследен на кажаното и да ги распише изборите, а дописот на ДИК го коментира како оптимални рокови, кои според него може да се искомплицираат и да не може да се распушти Собранието.
„Го пролонгираат рокот за да избегаат од избори, иако со ратификацијата на Протоколот за НАТО се исполнија условите. Ако не се распушти Собранието, на јавноста ќе и стане јасно дека владејачкото мнозинство не си стои на зборот“, додаде Мицевски.
А.Т.