Мицкоски: Граѓаните да одлучат дали се за омаловажена Северна Македонија или за горда Република Македонија

од Vladimir Zorba

Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ реафирмира и инсистира организирање предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, бидејќи граѓаните на тој начин ќе одлучат дали се за понижена и омаловажена Северна Македонија или се за горда и достоинствена Република Македонија, изјави вечерва пред партиското седиште лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по состанокот со коалициските партнери.

Повтори оти тука не станува збор за власт, функции или политички кариери и повика веднаш и без одложување распуштање на Собранието и организирање предвремени парламентарни избори заедно со претседателските.

Во врска со законот за јазици, рече дека во принцип партијата има чесен пристап што е законски и се темели на квалитет, а не на квантитет.

– Ние не сме против принципот на употреба на јазиците на заедниците, но во случајот голем дел од коалициските партии кои беа на состанокот го изразија својот револт, а тоа припадниците на заедниците на Ромите, Србите, Турците…, бидејќи на овој начин се скратува и нивното право, бидејќи и тие имаат право во средината каде што се процентуално застапени да го користат својот јазик, рече Мицкоски.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе коалицира со политички партии од албанскиот блок, рече дека партијата во иднина ќе коалицира со сите политички партии со кои ќе најде заеднички јазик околу платформата, и оти треба да се престане да се злоупотребуваат чувствата на граѓаните од различните етнички заедници во РМ, туку политичарите да понудат решавање на проблемите.

Истакна дека на состанокот со политичките партии кои се дел од коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, разговарале околу актуелната политичка и економска состојба во земјава.

Додаде дека загриженост била изразена во делот на законски измени што се однесуваат на законот за двојазичност и дека политичките партии од коалицијата „За подобра Македонија“ изразија поддршка во намерата на ВМРО-ДПМНЕ да се поднесе кривична пријава против сторителите на ова противуставно, противзаконско и потивделовничко однесување од страна на парламентарното мнозинство на Зоран Заев и Талат Џафер, и поддршка за поднесување претставка до Уставниот суд за оценување на уставноста на овој закон.

Слични содржини