Mицкоски: Ова е протестен марш со кој почнува крајот на неславното владеење на СДСМ

од Nikola Popovski

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва на маршот за правда изјави дека екс премиерот Зоран Заев е виновен затоа што бил премиер, обвинител и судија и дека со овој марш почнува крајот на неславното владење на СДСМ.

Тој на почетокот потсети на неодамна емитуваните аудио-снимки на коишто се слуша како лидерот на СДСМ, Зоран Заев, тогашен премиер докажува дека интервенирал во судски случаи и во работата на Специјалното јавно обвинителство, чијашто шефица Катица Јанева сега е една од обвинетите во случајот „Рекет“. Опозицискиот челник, исто така, посочи дека аудио материјалот „докажува и покажува мафија“ којашто ја „одзема слободата и правдата“.

Тој нагласи дека е за апсолутна правда, истакнувајќи дека одговорност за криминалот мора да има без разлика кој, кога и како го сторил.

– Ниту денес, ниту утре кога граѓаните ќе ни дадат мандат нема на памет да ми падне да се мешам во судската власт, ниту да попречам правда за кого било, потенцираше Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека парламентарните избори кои претстојат се, како што рече, нова шанса за македонскиот народ да си ја врати државата во свои раце и да покаже дека Македонија може и дека Македонија заслужува повеќе.

– Бараме покренување на истрага за злоупотреба на службената должност од страна на Зоран Заев, кој се меша во обвинителски и судски постапки и одлуки на Врховниот суд. Истрага од тим на обвинители кои нема да ги одбере Рускоска, поточно Зоран Заев, туку обвинители во кои ќе има доверба експертската јавност како гаранција за непристрасност и независност, рече Мицкоски.

Тој потенцираше дека по следните парламентарни избори нема да биде ништо исто.

– Очекуваме реакција и тоа брза одлучна и резолутна реакција, а доколку ја нема, народот е тука и веќе добро знае што треба да направи и каков громогласен одговор следи на 12 април, заклучи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ исто така рече дека судската и обвинителската власт се брутално згазени, а и дека аудио-материјалот покажал и докажал мафија која ја одзела слободата и правдата во Македонија.

„Тоа е мафија која три години е сојузник со криминалот кој останува неказнет. Мафија која ослободува убијци на мали деца додека премиерот си прави селфи со убијците, додека родителите на чедата од Смилковско езеро со грч и горчина во срцата од неправдите живеат со помислата дека убијците се на слобода. Мафија која диктира обвиненија, диктира пресуди на судии. Мафија која како свое царство го негува хибридниот режим на Заев“, рече Мицкоски.

Мицкоски исто така посочи дека кога ќе дојде на власт на 12 април, никогаш нема да се меша во судската власт како што тоа досега го правел Заев.

Фото: Борче Поповски

 

Слични содржини