Младите од Македонија ќе работат на странските ниви, а на нашите – пензионери

од Vladimir Zorba
562 прегледи

Според последното законско решение кои деновиве беше донесено во Собранието, пензионерите ќе можат да бидат ангажирани како сезонски работници во земјоделството. Во македонското земјоделство навистина е потребна работна сила, но млади, а не пензионери кои поради нивната возраст неможат да извршуваат голем дел од активностите на поле, сметаат земјоделските експерти.

Тие се согласни дека законската можност пензионерите сезонски да работат во земјоделството нема многу да му помогне на секторот, особено поради фактот што и сега старосната граница на земјоделците е над 55 години. Тие велат дека на македонскиот аграр му требаат млади луѓе кои кои ги нема, бидејќи работат на странските ниви.

-Земјоделството е тешка физичка работа која се извршува во екстремни услови каде тешко може да се вклопат и помлади, а не па пензионери. Исто така оваа работа бара голема физичка издржливост, која оваа група граѓани ја нема. Оваа законско решение е повеќе за државата за дополнително прибирање средства во Буџетот, отколку за помош во земјоделството преку нова работна сила, изјави за „Локално“, Ѓорѓи Каракашев претседател на Националната земјоделска мрежа.

Ѓорѓи Каракашев

Ѓорѓи Каракашев

Тој вели дека на македонскиот аграр му требаат млади луѓе кои се многу попродуктивни за разлика од пензионерите и кои можат да го поттикнат развојот на земјоделството.

-Ние спасот во земјоделството го гледаме во директно поттикнување и стимулирање на младите. Треба да се зголеми финансиската поддршка од државата за младите за да се стимулираат да останат во Македонија и да се занимаваат со земјоделство. Пензионерите не се продуктивни и неможат да работат колку младите. Ние тоа го знаеме бидејќи на нивите останаа да работат само старите. Просечната старост на македонските земјоделци е 55 години, вели Каракашев.

За примена на овој Закон треба да се изготви софтверска платформа, односно дигитален регистар преку кој ќе се спојуваат работодавецот, работникот и институциите. Законот им овозможува на работодавците да ги пријават ангажираните работници за привремена или сезонска работа, за својот ангажман работниците ќе добиваат пензиски и здравствени придонеси, а државата ќе си ги наплати давачките, кои досега не можеше.

Со овој закон ангажираните лица нема да ги загубат веќе стекнатите права, како социјална помош, надоместок поради невработеност, семејна или старосна пензија, стипендија или право на редовни студии. Од власта сметаат дека од него сите ќе имаат полза и државата која ќе го полни буџетот, работодавачите кои ќе можат да најдат вработени и граѓаните кои ќе имаат можност да работат, да бидат платени и да се ангажираат во делот што го сакаат.

На овој начин се очекува 30 илјади лица да бидат ставени во системот.

Б.С.

Слични содржини