Министерството за надворешни работи на Република Македонија соопшти дека преку Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон по дипломатски пат побара став од американскиот Стејт департмент за изјавите на американскиот конгресмен Дана Рохрабакер изнесени во интервју за „Визион плус“ од Тирана.
„Конгресменот e член на Комитетот за надворешни работи и претседател на поткомитетот за европски работи. Неговите искажани ставови предизвикуваат голема вознемиреност околу Македонија и во регионот. Истите разгоруваат националистичка реторика во соседството, со што нѐ враќаат во минатото.
Веруваме дека Стејт департментот соодветнo ќе отстрани секаква дилема околу изнесените позиции, како и дека ќе ја афирмира својата политика кон Македонија и Балканот“, се вели во реакцијата на МНР.

Реакцијата следува по изјавите на Американскиот конгресмен Дана Рохрабачер, кој вечои вели дека Македонија не е држава и дека треба да се подели. Во интервју за Визион Плус од Тирана, Рохрабачер истакна дека создавањето на македонската држава е пропаднат проект и сега според него, сите околности се создадени нејзините делови да им се дадат на соседните држави, вклучувајќи го и Косово и Бугарија .
„Мојот став е дека Македонија не е држава. Жал ми е, но не е држава. Тие се толку поделени што никогаш нема да бидат во можност да одат добро заедно. Затоа Косовците и Албанците во Македонија треба да биде дел од Косово, додека другиот дел на Македонија треба да стане дел од Бугарија или со било која друга земја за која тие тврдат дека се поврзани. Идејата е дека ние сакаме да ја држиме Македонија во живот, бидејќи некој пред 30 години одлучил дека тоа е конфигурација која треба да произлезе од растурањето на Југославија, но тоа нема да доведе до образложение дека оваа идеја се уште држи.“ – изјави Дана Рохрабачер, конгресмен
На прашањето дали администрацијата на новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп ја поддржува идејата на Рохрабачер, тој рече дека има влијание врз американската надворешна политика и дека во иднинам на седници на Комисијата за надворешни прашања ќе се разговара и за прашањето на промена на границите на Балканот.
„Јас имам влијание врз американските политичари. Јас сум претседател на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом што се занимава со тој дел од светот. Ќе имаме седници во наредните месеци. Едно од прашањата за кои ќе разговараме е промената на границите, со цел тие да имаат смисла и да донесат мир на Балканот.“ – додава Дана Рохрабачер
Рохрабачер во интервју за Визион Плус истакнал дека САД не се плаши од руското влијание на Балканот и покрај индикациите кои постојат. Во новата администрација на претседателот Трамп, Дана Рохрабачер е претседател на Комитетот за надворешни работи, чија задача е надворешната политика на САД. Рохрабачер исто така, бил помошник на поранешниот претседател Роналд Реган