Мојсовски: Натпреварот на unified штафетите на „Atlas Winter Cup“ претставува врвот на спортската инклузија

од Vladimir Zorba
794 прегледи

ИТК Македонија е здружение на граѓани оформено во февруари 2022 под покровителство на ИТК Лајпциг од Германија. ИТК Лајпциг е организација која раководи со дообука и организирање на професионални курсеви во полето на спортот и спортската наука наменети за странските студенти на Универзитетот во Лајпциг при факултетот за Спортска наука.

ИТК Лајпциг (International Training Course) постои од 1964 година, a претставници од Македонија за прв пат бележи во 2019 година.

ИТК Македонија, покрај интересот за пронаоѓање студенти за професионална дообука во Германија, во своето работење опфаќа повеќе области на работа поврзани со спортот, адаптивниот спорт, културата и едукацијата.

Околу организацијата на Atlas Winter Cup, здружението и идните планови поразговаравме со Мартин Мојсовски, претседател на „ИТК Македонија“.

Кон средината на декември организирате Интернационален пливачки натпревар за млади женски и машки пливачи и лица со атипичен развој со наслов „Atlas Winter Cup”. Од каде идејата за организација на ваков настан?

-„Atlas Winter Cup” e единствениот инклузивен пливачки натпревар во државата. Нашите членови повеќе од една декада активно учествуваат во пливањето и пливачките активности. Поради фактот што не постојат организирани натпреварувања со валидни резултати за лицата со атипичен развој, одлучивме да направиме голем чекор и да поставиме темели на адаптивното пливање. Наша цел е адаптивните пливачки натпревари да го има сјајот на регуларните пливачки натпревари и затоа креиравме хибриден концепт.

Кои лица ќе учествуваат и која е целта на натпреварот?

-На настанот ќе учествуваат (и може да учествуваат) сите заинтересирани пливачи од сите клубови од државата, но и надвор од неа. Покрај регуларниот пливачки натпревар, можност ќе добијат и сите лица со атипичен развој и инвалидизираните лица кои самостојно или со пливачки помагала може да пливаат во вода.

Настанот го организирате заедно со „Пливачки клуб Атлантида”. Дали ова е прв настан од ваков карактер и во што е спецификата за посебноста на настанот?

-Нашиот партнер „П.К. Атлантида“ става посебен акцент на квалитетно развивање на млади пливачи и дооформување на спортски систем за остварување на целта. И нашата како ИТК Македонија е слична, но нашиот фокус се лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица. Заедно, со вмрежување и споделување професионални искуства, креиравме целогодишна тренажна програма за деца со регуларен и атипичен развој. Сега, го организираме овој натпревар за да го презентираме сработеното. Секако, имало обиди за организирање на вакви или слични натпревари од голем број лица вклучени во ИТК Македонија и ПК Атлантида, но не на толку високо ниво како што ќе биде „Atlas Winter Cup“. Специфично за овој натпревар е што ќе се одржат штафетни трки каде ќе се натпреваруваат unified тимови и ова ќе претставува врвот на спортската инклузија. Терминот „Unified” во спортскиот речник претставува формирање мешани екипи на лица од регуларната популација заедно со лица со атипичен развој за заедничко функционирање и спроведување натпреварувачки акт.

Пред Нова година, но и во текот на целата година, сите имаме право на среќа. Што ги прави среќни децата со атипичен развој?

-Најголема среќа за еден човек е да биде прифатен и сакан. Исклученоста од општествените збиднувања и скратените можност за изразување го намалуваат квалитетот на живот и благосостојбата кај секое дете. Спортот, рекреацијата, уметноста и културните настани овозможуваат лицата со атипичен развој да ги покажат своите квалитети и да го остварат своето право да бидат среќни. Наша цел е секое дете да ја дочека Новата година среќно и да влезе оптимистички во следната со силна желба за напредок и уживање.

Какви Ви се плановите за следната 2023 година. Што очекувате и што посакувате од следната година?

-Наша примарна дејност е адаптивното пливање и очекуваме следната година тоа да биде што помасовно и институциите да ја сфатат потребата од вакви и слични активности. Додавањето на професионален карактер во овој дел од спортот ќе биде од голема полза за целата земја и многу лица ќе имаат придобивки. Доедукацијата на нашите кадри и организирање на едукативни курсеви и трибини за дискусија се вбројуваат во потенцијалните дејствија. Затоа, најавуваме интересни и возбудливи содржини за 2023 година. Се стремиме кон склучување на нови соработки и поголемо вклучување во разни проектни целини. Но, пред се, акцентот го ставаме врз подигнувањето на свесноста во нашето опкружување за поголема обединетост и сплотеност, затоа што сами без општествена поддршка тешко дека би успеале во нашите или општествените цели.

Редакција Локално

Слични содржини