Молдавија протерува руски дипломат, Москва најави одговор

од Nikola Popovski

Министерството за надворешни работи на Молдавија соопшти дека еден од вработените во руската амбасада во Кишињев е прогласен за персона нон грата и мора да ја напушти земјата.

„Во согласност со одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи (од 1961 година), Министерството за надворешни работи и евроинтеграции соопштува дека одлучило да го прогласи за персона нон грата на територијата на нашата земја претставникот на Амбасадата на Руската Федерација во Кишињев, кој е должен да ја напушти територијата на Република Молдавија“, се вели во соопштението на Министерството објавено на Телеграм.

За ова во понеделникот била информирана руската страна, а во Министерството за надворешни работи на Молдавија бил поканет рускиот амбасадор Олег Васнецов.

Молдавското Министерство не ги прецизираше причините за протерувањето на рускиот дипломат, но објави дека нападите врз украинската енергетска структура создаваат и зголемени ризици за енергетската безбедност на Молдавија. Министерството го осуди и фактот дека Русија „ги користи енергетските ресурси како оружје“.

По повод ова протерување, Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека руската страна ќе одговори на протерувањето на нејзиниот дипломат.

„Како што претходно изјави руската страна, Русија ќе даде соодветен одговор“, соопшти руското Министерство.

Слични содржини