Молдавската претседателка одбива да именува член на владата заради блискоста со Русија

Адвокатите на Гуцул најавија дека ќе покренат тужба за клевета против Санду за „лагите и клеветите објавени на прес-конференција на 18 март 2024 година“.

од Бети Божиноска

Претседателката на Молдавија, Маја Санду, одбила да го потпише указот за именување на шефицата на автономната област Гагаузија, Евгенија Гуцул за член на владата, како што налага законот. Информацијата ја објави веб-страницата Гагаузинфо, повикувајќи се на изјавата на Санду на прес-конференција во Кишињев.

Гагаузија, автономен регион на југот на Молдавија, ја избра Гуцул, член на опозициската партија Шор, за свој гувернер минатиот мај. Уставниот суд на Молдавија тогаш нареди распуштање на партијата.

„Лице кое работи за криминална група, а не за граѓаните на Молдавија и жителите на автономијата, кое дава изјави против својата земја, нема што да бара во владата на Молдавија“, рече Санду, осврнувајќи се на оценката на судот по изјавите на Гуцул.

Коментирајќи ја неодамнешната посета на Гуцул на Русија, молдавската претседателка рече дека Москва јасно ставила до знаење дека се потпира на криминални групи за да ја дестабилизира ситуацијата во Молдавија.

Адвокатите на Гуцул најавија дека ќе покренат тужба за клевета против Санду за „лагите и клеветите објавени на прес-конференција на 18 март 2024 година“.

„Се надеваме дека претседателката сепак ќе најде храброст да не се крие зад имунитетот и ќе одговара за своите зборови“, велат тие.

Гуцул отпатува во Русија во февруари за да побара од претседателот Владимир Путин да го поддржи регионот кој се соочува со незаконски дејства од страна на молдавските власти.

Гувернерката на Гагаузија се повеќе е во конфликт со проевропската шефица на државата. Одбивањето да се почитува уставното правило за вклучување на Гуцул во владата се должи на наводни нерегуларности на изборите.

Молдавија, која има 2,6 милиони жители и се наоѓа меѓу Украина и Романија, зазеде дефинитивно прозападен курс откако Санду дојде на власт во 2020 година.

Таа планира да се кандидира за втор мандат на претседателските избори оваа есен, ветувајќи дека ќе го задржи прозападниот став на својата влада и ќе ја направи земјата полноправна членка на ЕУ до 2030 година.

Санду тврди дека режимот во Москва се обидува да ја контролира нејзината земја со мешање во изборите, па дури и за обид за државен удар. Русија ги отфрли обвинувањата за мешање во внатрешните работи и ја обвини Санду за поттикнување антируски чувства.

Слични содржини