Момчето од Финска кое пукаше во училиште го планирал нападот – полицијата обезбеди докази

од Симе Стоиков

12-годишното момче обвинето за убиство на еден и ранување на двајца ученици во училиште во Финска однапред го испланирало нападот, соопшти денеска финската полиција, која пронашла докази во материјалот што го запленила од младиот човек.

Полицијата навела дека тоа е утврдено врз основа на податоците пронајдени во електронските уреди што му ги одзеле на осомничениот, пренесува Ројтерс.

„Во прелиминарната истрага се пронајдени докази кои укажуваат дека делото било планирано“, се вели во полициското соопштение.

Осомниченото момче кое е во надлежност на социјални работници бидејќи според законот не може кривично да одговара, на распитот се однесувало „пристојно“, а било утврдено и дека им се заканувало на учениците и од друго основно училиште во Хелсинки додека бегало по првото пукање.

Полицијата соопшти дека има прелиминарни информации за тоа како 12-годишниот осомничен го набавил пиштолот, кој му припаѓал на близок роднина, но истрагата се уште е во тек.

Финските медиуми претходно објавија дека осомничениот бил жртва на малтретирање на училиште и дека мотивот за нападот е директно поврзан со насилството што го претрпел на училиште.

Во пукотницата во училиштето „Виертола“ во градот Вантаа во вторникот загина 12-годишно момче, додека две повредени девојчиња се пренесени во болница во тешка состојба.

Напаѓачот бил фатен во Силтамаки, предградие на Хелсинки и не дал отпор при апсењето, соопшти претходно полицијата.

Слични содржини