МОН: Општините и училиштата да ги исплатат надоместоците за прекумерната работа на наставниците

од Nikola Popovski
176 прегледи

По најавите на Синдикатот за образование, наука и култура дека учениците нема да може да ја завршат учебната година ако наставниците не добијат пари за прекувремена работа, од Министерството за образование и наука апелираат до локалните самоуправи и училиштата да го почитуваат Законот и да ги исплаќаат надоместоците за прекувремена работа на наставниците.

„Ние како министерство редовно и навремено ги уплаќаме блок дотациите кон локалните самоуправи, согласно динамиката со којашто тие ги доставуваат барањата. Исто така МОН, уште во месец октомври испрати писмо до сите училишта со кое ги потсети на законските обврски дека за наставниците кои извршуваат работни задачи повеќе од полното работно време треба да им се исплати надоместок за прекувремена работа, за што се обезбедени средства. МОН и претходно во повеќе наврати апелираше до општините да го почитуваат Законот и да го исплатат надоместокот“, велат од Министерството.

Денес на прес-конференција од СОНК соопштија дека наставниците во некои основни училишта ќе излезат на штрајк, ако до 1 јуни дел од наставниот кадар не ги добијат средствата коишто им се должат по основ на прекувремена работа.

„Едно училиште во Куманово има донесено одлука за штрајк, веројатно денес и утре и други училишта во општината ќе донесат таква одлука, односно ќе постапат согласно нашите предлози. Вкупно се околу 50-тина училишта на национално ниво. Се паѓа во вода доколку оние кои макотрпно работеле, останат со кратки ракави“, вели претседателот на СОНК, Јаким Неделковски тврдејќи дека поголем број општини низ земјава не исплатиле плус пари на наставниците, а кои им следуваат.

Слични содржини