Два билиони луѓе или 61 процент од работници во светот, заработуваат од неформалната економија, вели Меѓународната организација на трудот (МОТ/ILO), потенцирајќи дека преминот во формална економија е неопходен за пристоен живот за сите.

Ако се исклучи земјоделието, пола од работниците се во неформален работен статус.
Истражувањето на МОТ е спроведено во 100 земји ширум светот. Според извештајот, во Африка 85,5 проценти се дел од неформалната економија. Во Азија и Пацификот процентот е помал и изнесува 68,2 , Арапските држави се со 68,6 прoценти, во Америка 40 проценти, додека во Европа и Централна Азија изнесува 25,1 проценти.
Најголемиот процент доаѓа од земјите во развој. Жените се во поранлива состојба од мажите и од 2 билиони работници, 740 милиони се жени, изложени на неформално вработување.
Во извештајот се наведува дека причината за неформалното вработување зависи од степенот на образование. Во државите каде има пораст во образованието, неформалната економија се снижува. Оние кои имаат завршено средно и високо образование се помалку изложени на неформален работен статус, се вели во извештајот.
Луѓето кои живеат во рурална средина се изложени повеќе на неформална економија. Земјоделството е сектор со највисок степен на неформално вработување. Дел од тимот кој го изготвил извештајот нотира дека ако си дел од неформален работен однос, не значи дека си сиромашен, но ваквиот тренд предизвикува сиромаштија.
Меѓународната организација на труд ја посочува потребата од овозможување на неформалното вработување во формлно. Државите да се погрижат за креирање, превенција и одржливост на претпријатијата и регулирање на формалното вработување кое ќе овозможи пристоен живот./В.К
Извештај на Меѓународната организација на труд