Македонија се најде на дното во регионот според последниот извештај на Светска банка со стапката на раст на БДП од 2,6 отсто. Пред нас се Босна и Херцеговина со 2,7 отсто, Црна Гора со три отсто, Албанија со 3,2 отсто, Србија со 3,5 отсто, а Косово е на врвот со 3,8 отсто раст на БДП на крајот на 2025 година. И покрај ваквите песимистички прогнози на меѓународните финансиски институции се поставува прашањето може ли Македонија да се крене и да го достигне посакуваниот економски раст од 5 отсто во наредните три години.
Економските аналитичари се скептични, бидејќи изостанува реализацијата на капиталните инвестиции, нема странски инвестиции, нови работни места, зголемување на плати…Но, сепак сметаат дека тоа може да се постигне со развој на информатичката технологија, земјоделството, образованието, уметноста…
-За да достигне раст од 5 отсто во наредните три години, потребни се реформи во образованието. Имено, компаниите ќе мораат самите да ги креираат таквите профили на луѓе, и тоа преку нивна регрутација и работа на нивна трансформација, по завршување на матура. Мора да го поддржиме концептот на дуално образование кој драстично ќе ја промени продуктивноста на идните работници во македонската економија. Само економиите кои ќе имаат високо продуктивни работници „војници“ ќе ги добиваат следните битки во економијата. Но, клучно, тука, ќе биде времето потребно за преобразба, изјави за „Локално“, Синиша Наумоски, универзитетски професор и економски експерт.

Синиша Наумоски,
Според него, можноста за развој на бизнис секторот лежи во соработката со европските компании како добавувачи, забрзана диверзификација на портфолиото на странски директни инвестиции, односно освен од ЕУ да привлечеме инвестиции и од други држави надвор од Унијата.
-Потребно е многу засилено и активно економско поврзување со дијаспората, бидејќи девизните дознаки од странство достигнуваат и до 2 милијарди евра. Во таа насока потребно е отварање на технолошко индустриска зона за дијаспората. Исто така, потребно е засилено да се креира развој на претприемачко банкарство, по примерот на САД. Во таа насока, монетарната политика треба да биде активно вклучена во развој и олеснување на пристапот до евтини пари за стопанството. Македонија мора да ја искороти силата на монетарниот сектор за развој на домашните компании, смета Наумоски.
Според него, престојните избори ќе се одразат и врз растот на БДП.
Како ограничувачки фактор кои ќе влијаат врз економскиот раст, Наумоски ги наведува проблемите со системската корупција и потребното време да се реформира судскиот систем, како и последователните кризи кои имаа ефекти и денес.
Б.С.