Бројот на нови случаи полека се намалува, но бројот на починати и натаму е висок.Оваа недела на сила остануваат старите рестриктивни мерки. За велигденските празници можни се олабавувања во зависност од бројот на новозаразени.
Во случај на потврдување на трендот на опаѓање, Главниот координативен штаб ќе ја разгледа можноста за предлог за намалување на рестрикциите, исклучиво во случај на континуитет во падот на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица.
Конкретно, за периодот од 27 април 2021 година (вторник), заклучно со 15 мај 2021 година (сабота), да се отворат угостителските објекти за работа со посетители/гости во отворениот дел од угостителскиот објект, односно да работат само летни тераси и градини, а не и затворениот дел на кафулињата и рестораните.
Воедно, Главниот координативен штаб ѝ предлага на владата забраната и посебниот режим на движење да почнува од 21:00 часот до 05:00 часот наредниот ден во периодот од 27 април до 15 мај.
Предлогот на кризниот штаб доаѓа во исто време со средбата на министерот за здравство и поглаварите на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и Исламската верска заедница. На средбата, како што пишува Филипче на својот фејсбук профил, се разговарало за актуелната состојба со коронавирусот, при што на поглаварите им укажал на ризиците кои ги носи групирањето во затворени простории за време на претстојните верски празници.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 147.229, бројката на оздравени пациенти е 123.710, на починати е 4.478, а бројот на активни случаи изнесува 19.041.