Мојсоска: За само една година работоспособното население е намалено за околу 220 илјади, а активното население за околу 130 илјади лица

од Vladimir Zorba
883 прегледи

Големите компании кои на отворен пазар се снабдуваат со електрична енергија можат да станат следното жариште на македонската економија кое нема да може лесно да се изгасне.

Професорката Никица Мојсоска Блажевски  предупреди дека учеството на трошоците за енергија на овие фирми во оперативните трошоци се зголемиле за 70% во период од само една година. Но, тое е само еден аспект од проблемот. Севкупните макроекономски услови во економија се доста полоши отколку во опкружувањето и тоа ја урива конкурентноста на македонските компании. Посочувајќи  дека тие се соочуваат со нови, неприродни конкуренти на меѓународните пазари, вклучително и компании од ЕУ, Мојсоска алармира дека загубата на странските пазари негативно ќе се одрази на среден рок на економијата.

„За мене тоа е главниот аргумент зошто да им се помогне на компаниите кои се снабдуваат со енергија на отворениот пазар. Да не заборавиме, овие компании создаваат 53% од вкупниот БДП во земјата, и во нив се вработени 43% од сите работници во економијата“, изјави Мојсоска  за „Локално“.

Како подеднакво сериозен проблем со кој многу брзо ќе се соочи македонската економија, Мојсоска го посочува недостигот на работна сила. Во оваа насока презентира бројки кои се далеку од розови . Тие покажуваат дека за само една година, работоспособното население е намалено за околу 220 илјади, а активното население за околу 130 илјади лица. Во вакви услови, работодавачите, се сé погласни во барањата кон владата за олеснување на „увоз„ на работна сила.

„Од она што неофицијално го слушам, има наши компании кои отвараат претставништва во соседни земји, таму вработуваат лица од понеразвиени земји во светот и потоа ги пренесуваат во Македонија“, вели Мојсоска.

Категорична е дека не може да очекуваме намалување на емиграцијата сé додека не создадеме поволни услови за живот во земјата (владеење на право, намалување на корупција, почист воздух и тн.). Овој проблем според неа, нема да го намали ни процесот на пристапување кон ЕУ , туку напротив, ќе го зголеми , бидејќи ќе биде полесно да се емигрира и да се работи во странство.

„Ќе дојдеме во ситуација на егзодус, како што се нарекува емиграцијата во Бугарија и Хрватска“, алармира Мојсоска.

Анализата што ја направивте за тоа како фирмите што на отворен пазар се снабдуваат со електрична енергија ја пребродуваат кризата, покажа поразителни резултати. Во која насока се вашите очекувања, ќе се затвори навистина секоја трета фирма или владата ќе ги прифати барањата на работодавачите?

-Навистина интересна анализа која систематски ги претставува предизвиците за компаниите кои се снабдуваат со електрична енергија на отворениот (либерален) пазар. Овие компании, средни и големи, се директно изложени на промените на цената на енергијата и енергенските на глобалната енергетска берза HUPX. Притоа, просечната месечна цена на електричната енергија на енергетската берза HUPX која е референтна за регионот на Југоисточна Европа помеѓу септември 2021 и септември 2022 година се зголеми за 2,9 пати. Оттука, учеството на трошоците за енергија на компаниите во оперативните трошоци се зголемиле за 70% во период од една година. Да не заборавиме, овие компании создаваат 53% од вкупниот БДП во земјата, и во нив се вработени 43% од сите работници во економијата. Овие компании се и најголеми извозници. Анализата нуди докази за носителите на политиките за тоа како енергетската криза ги погодува компаниите, а нуди и решенија како да им се помогне на компаниите. За 83% од анкетираните компании цената на електричната енергија е најголемиот предизвик со кој се соочуваат. Притоа, само 10% од нив сметаат дека владините мерки за поддршка се адекватни. Но, средните и големите компании се исклучени од тие пакети на поддршка. Иако само една од анкетираните компании е затворена, и другите велат дека ако продолжи оваа ситуација ќе мора да затворат.

Но, она што е уште поважно за компаниите и за економијата е дека севкупните макроекономски услови во економијата (посебно високата инфлација и пораст на платите), како и високата цената на енергијата се доста полоши отколку во окружувањето (пример, повисока инфлација, пораст на плати, повисок цена на енергијата) и тоа ја урива конкурентноста на македоноските компании. Оттука, анализата покажа дека тие се соочуваат со нови, неприродни конкуренти на меѓународните пазари, вклучително и компании од ЕУ. Загубата на странските пазари многу негативно ќе се одрази на среден рок на економијата. За мене тоа е главниот аргумент зошто да им се помогне на компаниите кои се снабдуваат со енергија на отворениот пазар. Дури и владините мерки за поволни кредитни линии за инвестиции во обновливи извори на енергија (ОИЕ) не се однесуват на инвестиции кои ги прават големите компании.

За мене конкурентноста е областа каде треба да се фокусира владата. За жал, нашите компании генерално се конкурентни со ценовна конкурентност (односно пониски цени заради пониски трошоци), што мора да се промени. Правиот начин за тоа се мерки или поддршка за зголемување на продуктивноста на компаниите, преку користење на понови технологии и опрема и/или работна сила со повисоки вештини и знаења (човечки капитал).

Во однос на исклучувањето на електрична енергија за фирмите должници пак, Владата даде гаранции дека ќе ги плати нивните  долговите но остана горчината за неодговорен однос кон јавните пари од страна на директорите на тие институции. Го оправдувате ли ваквиот начин на функционирање?  Дали државата треба да преземе поостри мерки за ваквите негативни практики?

-Тешко ми е да го коментирам тоа бидејќи се работи за неодговорност, недомаќинско работење, неказнивост, но и намерно замижување кон овој проблем. И сето ова се случува на неколку нивоа. Пример, можеби директорите барале поголем буџет, но не им бил одобрен. Понатаму, сигурно сметале на неказнивост. Тоа е така наречен проблем на морален хазард кога знаете дека никој претходно не е казнет и правите прекршок. Сé додека никој не одговара, ама секој во ланецот на правење на прекршокот, таквото однесување ќе остане. Секако, треба да се запрашаме и какви кадри се поставуваат на тие позиции, како тие лица се нафаќаат на позицијата и како до сега никој не даде оставка ако имале проблеми и не можеле да ги решат.

Инаку, мора да се смени мислењето дека буџетот е да се дели и да се натпреваруваме кој ќе земе поголем дел од колачот (буџетот), без да се грижиме како да го направиме колачот. Ова се однесува не само на буџетот, туку на се што е општествено.

Со години наназад, а се чини и во иднина уште поинтензивно и погласно, ќе зборуваме за човечкиот фактор, односно колку работници има стопанството за да произведува,да работи…ке има ли доволно работна сила со оглед на трендот на иселување?

-Иако стапката на вработеност е сеуште релативно висока (14,3% во трет квартал 2022 година), сепак компаниите сé повеќе се жалат за недостиг на работна сила, и неквалификувана и квалификувана. Некако брзо дојдовме од ситуација на голем суфицит во понудата на работна сила, до недостиг на работна сила (плиток пазар на труд). За само една година, помеѓу 2022 и 2021 година (трет квартал) работоспособното население е намалено за околу 220 илјади, а активното население (вработени и невработени) за околу 130 илјади лица. Работодавачите, исто така, се сé погласни во барањата кон владата за олеснување на „увоз„ на работна сила. Од она што неофицијално го слушам, има наши компании кои отвараат претставништва во соседни земји, таму вработуваат лица од понеразвиени земји во светот и потоа ги пренесуваат во Македонија. Соседните земји на Украина веднаш ги отворија вратите за вработување на лица од Украина, кои според нив се со одлични квалификации и одлична работна етика (и не така големи очекувања за плата).

Покрај емиграцијата која го намалува работоспособното население, дополнителна загуба или, „извоз„ на нашата работна сила е и работењето преку онлајн платформи за работа. Тие работници не се достапни за нашите компании и се невидливи за системот (не се ниту пријавени како вработени, ниту невработени, не плаќаат социјални придонеси и тн.). Спред одредени мерења, минатата година околу 5.000 македонци работеле само на една од тие платформи,Upwork (иако дел од нив можеби имаат и друга, регуларна работа, а ова им е само дополнителна работа).

Ме радува што последните години се подобри соработката меѓу компаниите и образовниот систем, зошто компаниите имаат голем интерес обарзованието да продуцира кадри какви што им се потребни. Ова е особено применето во моделот на дуално образование.

Емиграцијата е резултат на барање на подобри услови за живот и/или работа. Главна причина за емиграција веќе не е економската благосостојба туку желба за поквалитетен живот. Сé додека не создадаме поволни услови за живот во земјата (да почнам од владеење на право, намалување на корупција, почист воздух и тн.) не може да очекуваме намалување на емиграцијата. Притоа, моето мислење е дека процесот на пристапување кон ЕУ нема да ја намали емиграцијата, во спротивност, ќе ја зголеми (ќе биде полесно да се емигрира и да се работи во странство. Ќе дојдеме во ситуација на егзодус, како што се нарекува емиграцијата во Бугарија и Хрватска.

Без човечки капитал нема напредок. Мора да го модернизираме образованието, мора да работат спрегите на бизниси-образование и брзо да креираме потребна работна сила преку програми за докфалификација или преквалификација. Се раздвижи и сегментот на образование на возрасни, преку сертифицирани обуки и тренинзи, што е исто така поттикнато од недостигот на потребна работна сила. Но, сето тоа има свои лимити, односно не можете да „продуцирате„ инжењер со курс од три месеци или една година. Мојот став е дека треба повеќе да вложуваме во образованието, како и да се обидеме да ја менуваме структурата на економијата кон повисоко технолошки сектори и компании кои ќе создаваат попродуктивни и високо платени работни места.

Најавите за даночна реформа иако во редуциран формат, отвори низа непознаници за бизнисите а неизвесноста останува да биде нивниот најголем непријател. Што очекувате? Дали и како ќе се справиме со намалената конкурентност на домашните фирми, со фактот дека расте увозот а не извозот, со продлабочувањето на дефицитот.? 

-Неодговорно е во вакви услови на неизвесност (мекроекономска и геополитичка) да ги оставите компаниите во дополнителна неизвесност и да најавите даночни измени на средина на декември. Компаниите ги прават работните и финансиските планови многу порано. Тоа е како да долевате „масло на оган„. И со ова падна во вода даночниот календар и многу други договорени работи во рамки на јавно-приватниот дијалог. Не верувам дека овие даночни измени ќе ја намалат конкурентноста на економијата во целина, но мислам дека диспорпорционално ги погодуваат компаниите кои се попрогресивни и кои преку одредени бенефиции за вработените, се трудат да ги задржат. Не сум против понудените решенија односно измени (геренално кажано) туку против периодот во кој ова се спроведува, како и времето на примена. Но, верувам дека постои голем притисок од меѓународните финансиски институции за да се направат вакви реформи и да се намалат даночните олеснувања што е веројатно и услов за пристап до поповолни финансиски средства. Главната замерка е дека ова се полесни решенија за прибирање на буџетски приходи, а нема воља и капацитет за потешките реформи како што е намалување на сивата економија односно проширување на даночната база и зголемување на праведноста.

Во насока на контрола на растечката инфлација, се преземаа серија мерки како од Владата така и од централната банка. И покрај убедувањата дека цените на прехрамбените производи ќе паѓаат , на терен тоа не е така или барем не во очекуваниот обем. Зошто е тоа така и кога според вас може да се видат поопипливи резултати?

-Оваа мерка која ја спомнавте навидум изгледа како „правилна„ мерка со која се решаваат неколку предизвици. Се помага на сектор во економијата кој е стратешки важен, а покрај тоа мерката го намалува притисокот врз цените на храната (односно инфлацијата). Дали ќе се постигне ефект врз цените на храната зависи од неколку фактори. Прво, зависи од тоа колку трошоците за електрична енергија учествуваат во вкупните трошоци на таа индустрија или тие компании. Потоа, зависи од тоа што се случува со останатите производни трошоци. Ако и тие растат, просторот за намалување на цените е мал. Пример, цените на производи кои ги користат индустриски капацитети (произведени во Македонија) се зголемени за 22% во 2022 година. Но, зависи и од совеста на тие компании, тие може да „играат„ со цените на различните производи што ги произведуваат, да ги намалат цените на некој производ, но не на сите. Мислам дека повеќе ќе видиме модели на кампањи од типот „попуст од 50% на вториот купен производ„„ отколку намалување на цените.

Kога би правеле ретроспектива на политиките кои годинава беа преземани за помош на стопанството и генерално на економијата, каков заклучок можете да дадете, што би критикувале? Имаше ли грешки во справување со последиците од кризите и кои беа тие?

-Контекстот во кој се води економската (и сите политики) е навистина сложен. После Ковид-19 пандемијата и владината интервенција во економијата во форма на неколку анти-кризни пакети, за жал севкупниот економски и геополитички контекст наложија и натамошни силни интервенции. Така, последниот пакет на мерки најавен од страна на Владата во ноември 2022 година е во вредност од (најавени) 360 милиони евра или 0,04% од проектираниот БДП. Но, наративот во економијата сега е сосема различен. Ако претходно главна цел беше поттикнување на економскиот раст и заштита на животниот стандард на ранливите граѓани, сега се соочуваме со два тешки паралелни предизвици, растечки цени (инфлација) и бавен економски раст, нешто што во економската наука се нарекува стагфлација (кованица од зборовите стангранција и инфлација). Во такви услови најтешка и најважна е координација на фискалната и монетарната политика. Да не изумиме дека основна цел на монетарната политика е ценовна стабилност така што Централната банка има задача да презема мерки за намалување на инфлацијата. Од друга страна, фискалната политика е позагрижена за забавениот економски раст. Во желбата за таква координација, владата дизајнираше мерка со која се обидуваат истовремена да се подджат компаниите од прехрамбената индустрија да се справат со ефектите од енергетската криза, како и да се влијае врз намалување на цените на храната. Цените на храната пораснаа за речиси 20,3%во периодот јануари-ноември 2022 година (дури 30% во ноември), а храната опфаќа дури 40% од потрошувачката на едно типично домаќинство во Македонија. Со други зборови, пораст на цените на храната силно го минира животниот стандард на граѓаните во Македонија (што е различно во развиените земји).

Економската политика и мерки имплементирани во Македонија во овој период одговараат на контекстот, но и на политичката идеологија (социјал-демократска) каде главен фокус е заштита на ранливи (сиромашни) граѓани. Така   што не треба да не зачудуваат мерките бидејќи на избори победила токму таква опција, социјал-демократска. Главните забелешки се однесуваат на начинот на водење и навигирање на економијата. Не може да се најави даночна реформа која ќе се применува во 2023 година во средина на декември. Не може да ги оставите компаниите (и граѓаните) во неизвесност дали ќе има поддршка, каква ќе биде, и тн. што беше направено неколку пати во овој кризен период. Владата има круцијална улога во планирање на долг рок (визија), во водење и давање на сигнали кон економијата. Тој механизам е мошне слаб, и покрај бројни консултации со бизнис заедницата. Има отвореност за дијалог, за слушање, но потоа е слаб механизмот кон реализација.

Оттука и прашањето дали следната 2023 г може да ни биде потешка дополнително што е година пред избори? Какви се перспективите на македонската економија кога Европа најавува низок економски раст?

-Речиси секогаш сум оптимист за иднината, но овојпат би рекла дека изгледите во 2023 година не се ветувачки. Ова го кажувам заради повеќе фактори, домашни и меѓународни. Во глобалната економија работите се доста неизвесни, и свесни сме дека Руско-Украинската војна ќе опстои уште долго време. Тоа носи многу економски предизвици и неизвесност, како што се снабдувањето со гас и енергија на Европа (и цената на истата), достапност на многу клучни суровини и полупроизводи, рокови на испорака на истите, цени на тие суровини и транспортни цени. Ова значи дека и натаму ќе има нарушување на снабдувањето, како и дека инфлацијата ќе опстои уште одреден период. На друга страна, и потрошувачите ќе бидат внимателни и ќе ги избегнуваат луксузните трошоци или ќе го одложуваат купувањето на трајни добра. Според мене исклучок е туризмот каде после Ковид пандемијата луѓето едноставно сакаат да патуваат без разлика на глобалните случувања (поврзано со психолошки ефект).

Што ќе се случува дома? Најпрво, не верувам во брзо зауздување на инфлацијата, Таа е веќе вкоренета преку инфлациски очекувања. Производителите вградуваат одреден ценовен раст во своите политики на цени делумно заради реалниот раст на цените на нивните инпути (производни трошоци), но и заради тоа што очекуваат раст на цените. Покрај тоа, индексацијата на минималната плата и пензиите со инфлација односно пораст на просечна плата исто така значи дека платите и пензиите ќе растат, а со тоа и трошоците на производствоо и инфлацијата. Се надевам дека нема да се примени и некое ad-hoc решение за пораст на минималната плата или пензиите, особено со оглед дека е предизборна година (тековните привремени мерки за поддршка на доходот на ранливите граѓани се подобра опција). Економскиот раст или раст на производството ќе биде ограничен од недостиг (или високи цени) на суровини, високи трошоци за енергија, неизвесност за побарувачката и тн.

Во вакви услови, 2023 година ќе биде година на низок економски раст, како и сеуште високи нивоa на инфлација. Според проекциите на Народната Банка економскиот раст во 2023 година би се движел помеѓу 1,8 и 2,6% (од песимистичко до оптимистичко сценарио), а инфлацијата ќе изнесува 8-9%. Да не заборавиме дека на макроекономски план предизвик за економијата е и високиот раст на трговскиот дефицит во 2022 година кој е удвоен во однос на истиот период од минатата година. За 2022 година се очекува дефицитот на тековната сметка на платниот биланс да достигне 7,4% од БДП.

К.В.С.

Слични содржини