Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во интервју за грчкиот дневен весник „Та Неа“ зборуваше за билатералните односи меѓу двете земји, поддршката по трагедијата во Кочани, како и за регионалната стабилност и безбедност и заедничките предизвици и приоритети во рамките на НАТО Алијансата.
Осврнувајќи се на билатералните односи, министерот ја истакна средбата со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис на маргините на Генералното собрание на ОН во септември 2024 година, како значаен чекор во зајакнувањето на дипломатскиот ангажман.
-Постои голем потенцијал за проширување на соработката – во трговијата, инфраструктурата и енергетското поврзување. Но, мора да ги продлабочиме и врските во областа на економијата и културата, каде што меѓусебното разбирање и заедничкиот развој можат да создадат долгорочна доверба и просперитет. Поттикнување на деловни партнерства, туризам, студентски размени и културни програми може уште повеќе да ги приближи нашите народи. Како НАТО-сојузници и непосредни соседи, имаме заеднички интерес за зајакнување на регионалната стабилност и просперитет – особено преку целосна регионална интеграција во Европската Унија, вели Муцунски.