Министерството за внатрешни работи денес се огласи по повод двете промени на правилата за влез во Грција.
-Согласно известувањето од грчките гранични служби од Граничниот премин „Евзони“, има измени во протоколот за влез во Грција и од денеска (19.06.2021 година), од 06.00 часот на ГП Евзони, освен со ПЦР тест не постар од 72 часа, Сертификат за примена вакцина (со поминати 14 дена од втора доза) и доказ за прележан Ковид-19 (од 2 до 9 месеци), влез на наши државјани се дозволува и со негативен брз тест за Ковид-19 не постар од 48 часа, велат од полицијата.
Исто така тие наведуваат дека деца до 12-годишна возраст нема потреба да имаат негативен тест, а постари од 12 години треба да поседуваат брз или PCR тест.
-Електронската најава на сајтот www.travel.gov.gr за прибавување на ПЛФ документ е задолжителна. Како и досега, на ГП Евзони Грција нема да се дозволува влез од 22.00 часот до 06.00 часот по македонско време, соопшти МВР.
Секој турист мора да ги почитува анти – ковид мерките, меѓу кои се носење на маска на лицето и почитување на полицискиот час кој започнува во 1.30 часот по грчко време.
Промените вчера ги најави заменик -министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, кој рече дека земјите ќе бидат поделени во зелена, портокалова и црвена категорија.