Станот во зградата во ТЦ „Скопјанка“ во Аеродром, од каде синоќа се ширеше непријатна миризба, е исчистен од екипа на Комунална хигиена, информираа утрово за МИА од МВР.

Од страна на екипа на АРМ, со апаратура е констатирано дека се работи за амонијак од употребени пелени. На местото на настанот излегле и служби од Министерство за здравство – Центар за јавно здравје, Дирекцијата за заштита и спасување и Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на Скопје.
Од МВР информираат дека синоќа околу 18.50 часот било пријавено дека во влезот брoj 1 на булевар „Кузман Јосифовски Питу“ се чувствува непријатна миризба и граѓаните се жалат на печење во очите и оти претпоставуваат дека најверојатно е фрлен солзавец. Излезено е на местото на настанот, при што е констатирана силна непријатна миризба.
– Од страна на Противпожарна екипа отворени се сите врати од помошните простории, по што миризбата се изгубила, освен на вториот кат во стан сопственост на С.С.(64), каде живее со нејзината ќерка и двајца внуци, велат од МВР.
Непријатна миризба од употребени пелени е причината за евакуација на жителите од зградата во ТЦ „Скопјанка“ во Аеродром. По извршената дезинфекција и по шест часа минати надвор, доцна синоќа граѓаните се вратени во своите домовите, велат за МИА од МВР и од Противпожарната единица на Скопје.
По пријавата во полиција дека некој фрлил непозната материја во еден од влезовите, жителите вчера попладне беа евакуирани поради остар мирис кој го отежнува дишењето.
На терен беа екипи на МВР и на Територијална противпожарна единица на Град Скопје, кои ги евакуираа жителите со заштитни маски. Интервенираа три возила со 11 пожарникари од 18.42 до 01.50 часот. Беше повикана и брза помош, иако повредени нема.
Во чистењето интервенирала и екипа на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје.
Синоќа жителите ги посети скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Тој изјави дека се чекаат единици на АРМ за радио-хемиска и биолошка деконтаминација, која ќе дојде со инструменти да го измери квалитетот на воздухот. Повикани биле и инспектори од Министерството за животна средина и просторно планирање и од Институтот за јавно здравје за да се утврди дали е безбедно враќањето во зградата.