МВР учествуваше во сузбивање меѓународна мрежа за криумчарење мигранти, уапсени 62 лица

од Nikola Popovski
328 прегледи

Во текот на месец јуни 2023 година, со координација и поддршка од ИНТЕРПОЛ и Европол, а со активно учество на Министерството за внатрешни работи, беше реализирана меѓународна оперативна акција во пет земји, во која беа лишени од слобода 62 лица, од кои 25 кубански државјани, а беа запленети и фалсификувани документи и пари.
Членовите на криминалните групи за да ги „промовираат“ своите услуги на ранливите граѓани (во случајов, кубански државјани) користеле апликации на социјалните мрежи, при што за сума од околу 9.000 евра криминалците го организирале патувањето, трансферите и обезбедувале фалсификувана документација, потребна за влез во Европската Унија. Мигрантите користеле авионски превоз од Куба до Србија, па преку Северна Македонија се обидувале да остварат нелегален влез во Грција, од каде што, пак, го продолжувале патот кон Шпанија. Се проценува дека околу 5.000 кубански државјани биле прокриумчарени во ЕУ, генерирајќи им профит на криминалните групи од околу 45 милиони евра.

Спроведената истрага откри комплексна криминална мрежа поставена низ Грција, Србија и Шпанија, чии членови се адаптирале на сите околности, со цел да го продолжат криминалниот бизнис. Криумчарите и нивните соработници кои го олеснуваа движењето на лицата мигранти од Куба низ Северна Македонија биле во најголем број српски државјани, а имале свои помагачи низ нашата земја. Притоа, при откриените случаи на кривично дело „криумчарење мигранти“ на лица од Куба во Северна Македонија, сторителите беа процесуирани пред надлежните органи со соодветни поднесоци.

Имено, Србија и Северна Македонија имаа безвизен режим со Куба и истиот беше искористен за остварување на легален влез, сѐ до 01.01.2023 година кога Северна Македонија донесе одлука за воведување виза за Куба, односно до април 2023 кога истото го стори и Србија.

Истрагата, координирана од ИНТЕРПОЛ и Европол, беше покрената во октомври 2021 година, откако Финска, Грција, Северна Македонија и Србија пријавија зголемен број кубански граѓани кои се обиделе да влезат во Европа со лажни документи.

Најпрво, кубанските државјани користеа комерцијални летови за Русија, каде што криминалците им нуделе опција илегално да ја преминат руско-финската граница и така да влезат во ЕУ, а како друга опција им нудеа летови за Србија, па од таму да го продолжат своето патување во Централна или Јужна Европа. Меѓутоа, по почетокот на конфликтот во Украина, рутата се промени, па кубанските државјани летаа од Германија за Србија. Криминалните мрежи потоа им го олеснувале илегалниот влез во Северна Македонија и Грција, често принудувајќи групи на мигранти да се движат ноќе со часови, без залихи на храна и вода. Некои од најранливите мигранти, меѓу кои и малолетници, биле изложени на измами, грабежи и изнуда, а некои жени биле префрлени во други криминални групи заради сексуална експлоатација.

Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија преку соодветните единици имаше активна улога од почетокот на оваа истрага.

Беа одржани оперативни состаноци со сите засегнати држави во седиштата на ИНТЕРПОЛ во Лион, Франција и на Европол во Хаг, Холандија. Исто така, беа одржувани и состаноци на билатерално ниво помеѓу Северна Македонија и Србија и Грција, за споделување на информации кои би можеле да бидат од корист за истрагата во земјите.

Слични содржини