ВМРО-ДПМНЕ и вечерва, како што беше случај и во претходните неколку денови, продолжува да шири невистини за работењето на полицијата, информираат преку соопштение од Министерството за внатрешни работи.
Според полицијата, од најголемата опозициска партија пласираат конструкции и лаги за да го нарушат угледот на полицијата.
-Но, фактите ги демантираат. МВР е гарант за сите слободни избори од 2017 до денес и тоа ќе продолжи да биде и понатаму. Апелираме, ВМРО-ДПМНЕ да престане да шири невистини, а граѓаните слободно да ја изразат својата волја во недела, на вториот круг од локалните избори, велат од МВР.
ВМРО-ДПМНЕ вечерва на прес-конференција објави дека поседуваат документи кои укажуваат на поткуп во Крива Паланка и на злоупотреба на Единицата за специјални задачи во Битола, Охрид и Кочани.
Портпаролот на партијата, Наум Стоилковски, прво презентира принтскрин од разговори на социјални мрежи и фотографии за кои рече дека се од активистот на СДСМ, Новица Груевски, и на командирот на полицијата во Крива Паланка со сега избраниот градоначалникот на Крива Паланка од СДСМ, Сашко Митовски.