Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ќе играат во финалето на турнирот во Романија, откако вчеравечер во полуфиналето го победија унгарски Шолнок со 115:94.
Македонскиот шампион триумфот го обезбеди во вториот и третиот период, кои заедно ги доби со 18 поени разлика (58:40). Највисокото водство на сино-белите изнесуваше 29 поени (105:76).
Натпреварот го одбележа македонскиот репрезентативец Марко Симоновски, кој речиси сигурно го одигра најдобриот меч во досегашната кариера со 42 постигнати поени и дури 12 постигнати тројки со само пет промашувања. Американецот Џабари Хиндс средбата ја заврши со 21 поен и девет асистенции, додека Нуни Омот постигна 15 поени, а Андреј Маслинко 12 поени. Андреј Магдевски средбата ја заврши со девет поени, Марин Морнар постигна шест, Дамјан Стојановски и Бојан Крстевски по четири, а Иван Волкановски два поени.
Тимот од Аеродром денес од 18 часот во борбата за трофејот ќе ги одмери силите со организаторот на турнирот Орадеа.