На 28. мај конститутивна седница на Собранието

од Nikola Popovski

Конститутивната седница на Собранието е закажана за вторник (28-ми мај) идната недела. Според Деловникот за работа, со неа ќе претседава највозрасниот пратеник, а во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи Коџаџаку.

Извесно е дека во фотелјите ќе седнат 118-те народни избраници што ги добија уверенијата. Ако нема поместувања по добиени приговори до ДИК, по прегласувањето нема да настанат промени во пратеничките места.

Најмногу 58 пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалициите на СДСМ и на ДУИ во Собранието влегуваат со по 18 освоени мандати. ВЛЕН по прегласувањето ќе има 14 свои парламентарци. Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски и Левица на Димитар Апасиев на парламентарните избори освоија по шест мандати.

Во меѓувреме тече рокот за поднесување на приговори до Државната изборна комисија по прегласувањето.

За парламентарни избори, Северна Македонија е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници при што, според таканаречениот Донтов модел, се пресметува која партија колку пратенички места ќе добие.

„Новата влада се очекува да биде формирана до 20 јуни и веројатно ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата на опозициските партии на Албанците ВЛЕН и Движењето ЗНАМ, напиша пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Од ЗНАМ  информираа дека досега со ВМРО-ДПМНЕ немале преговори за формирање на  Влада, а нивниот став е дека ќе преговараат ако биле поканети, а до тогаш  нема да излегуваат со информации.

Слични содржини