
15 декември 2016 година
– Ден на есперантската книга
37.- Роден е римскиот цар Нерон Клавдиј Цезар Август Германик, еден од најконтроверзните владетели во историјата на Римското царство. На престолот во 54 година го донесе неговата мајка Јулија Агрипин Помладата, која претходно го отру царот Клавдиј, на кого му беше четврта жена.
1675.- Умре холандскиот сликар Јан Вермер, кој се вбројува меѓу најголемите уметници во историјата на сликарството иако изработи само околу 40 слики. Најчесто работеше фигури во енертиер, а неговите композиции се одликуваат со хармоничност, духовност и поетичност, математичка точност, блескав колорит и светлина. Дела: „Жена со писмо“, „Девојката со ѓерданот“, „Во атеље“, „Млекарка“, „Час по музика“, „Девојката со турбанот“, „Поглед на Делфт“, „Уличката во Делфт“.
1711.- Во Копенхаген изби епидемија на чума, усмртувајќи илјади животи.
1806.- Францускиот цар Наполен Први влезе со трупите во Варшава.
1832.- Роден е Александар Густаф Ајфел, француски инженер и градител на познатата Ајфелова кула во Париз која е висока 320 метри. Позната е и неговата конструкција на Статуата на слободата на влезот во њујоршкото пристаниште. Умрел во 1923 година.
1840.- Ковчегот со посмртните останки на францускиот цар Наполеон Први беше положен во „Домот на инвалидите“ во Париз, 19 години по неговата смрт на островот Света Елена.
1852.- Роден е францускиот физичар Антоан Анри Бекерел, пронаоѓач на радиоактивниот зрак (Бекерелови зраци), добитник на Нобеловата награда за физика во 1903 година. Во негова чест мерната единица за радиоактивност е наречена бекерел.
1859.- Роден е полскиот лекар и филолог Лазар Лудвиг Заменхоф, творец на меѓународниот јазик есперанто. Првиот учебник на тој јазик го објави во 1887 година, под псевдонимот д-р Есперанто (оној кој се надева). Есперанто не стана меѓународен јазик во пошироката употреба како што се надеваше неговиот творец, но е најважниот и најраширениот од сите вештачки јазици.
1890.- Убиен е индијанскиот поглавар „Бикот што седи“, водач на племето Сијукс, врз основа на наредбата на повереникот на владата на САД во резерватот во Јужна Дакота. Го предводеше сојузот на племињата, познат како „Дакота“. Се бореше против бруталната политика на САД која систематски се спроведуваше врз Индијанците. Тој беше најзаслужен за победата на неговите сонародници во битката кај Литл Биг Хорн во 1876 година кога беше уништен дел од Седмата коњаничка дивизија под команда на Џорџ Кастер.
1897.- Умре францускиот писател Алфонс Доде. Пишуваше романи, драми и новели. Дела: „Сафо“, „Нума Руместан“, „Бесмртник“.
1901.- Во селото Д`мбени, Костурско, е роден Атанас Близнаков, основач на Фондацијата „Атанас Близнакоф“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, прв од ваков вид на Универзитетот, од која се стипендираат студенти кои покажуваат особени резултати во студиите. Умрел во Скопје, на 10 јули 1998 година.
1910.- Во селото Горно Борди, Серско, е роден Михаил Сматракалев (познат под псевдонимот како Ангел Жаров), македонски револуционер, публицист и писател, еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија (1938 – 1941), од 1992 година почесен член на Друштвото на писателите на Македонија. Во 1935 година од печат излезе неговата прва и единствена објавена поетска книга на македонска тема „Бура над родината“. Автор е и на делата „Македонскиот литературен кружок“, „Модрите широчини на татковината“ и „На македонски теми“. Умрел во Софија, на 16 април 1998 година.
1938.- Загина рускиот пилот Валериј Павлович Чкалов испробувајќи го новиот тип на авион-ловец. Тој се прослави со многу потфати, вклучувајќи го и прелетувањето преку Северниот пол. Во 1937 година го изведе летот преку најсеверната точка на земјата без спуштање, прелетувајќи со авионот „Ан-25“ за 64 часа и 25 минути 12.000 километри од Москва до американскиот град Ванкувер кај Портланд, а со тоа постави светски рекорд. Во чест на тој сензационален лет, во Ванкувер му е подигнат споменик и посветен музеј.
1945.- Во селото Нестрам, Костурско, грчките власти изведоа пред суд 61 Македонец, бидејќи своите деца ги учеа да пишуваат и да читаат на свој мајчин македонски јазик.
1945.- Симфонискиот оркестар на денешната Македонска филхармонија го одржа својот прв симфониски концерт.
1946.- Во Скопје започнаа првите предавања на Филозофскиот факултет. Основањето на Филозофскиот факултет претставува значаен настан за целокупната културна преродба на македонскиот народ, израз на стремежите на македонскиот народ, што побрзо да ја надмине заостанатоста наследена од минатото и да зачекори кон посветла иднина. Наставата на филозофскиот факултет беше тесно сврзана со науката и затоа тој беше и остана силен двигател на научната мисла во општествените науки сврзани со македонскиот национален дух и неговата историја.
1961.- Судот во Ерусалим го осуди на смрт нацистичкиот злосторник Адолф Ајхман, одговорен за смртта на повеќе стотици илјади невини цивили во Втората светска војна.
1964.- Собранието на Канада го прифати новото национално знаме – црвено бело во водорамни полиња при што на централното бело поле се наоѓа црвен јаворов лист. Знамето беше општоприфатено како симбол на Канада.
1970.- На Венера се спушти советскиот вселенски брод „Венера 7“ од кој сигналите стигнуваа само неколку минути кои дадоа одговори на многу прашања.
1978.- Претседателот на САД Џими Картер соопшти дека неговата земја од 1 јануари 1979 година ќе воспостави дипломатски односи со Кина, а односите со Тајван ќе ги прекине.
1989.- Собранието на Панама го именува за претседател на владата генералот Антонио Норијега, поранешен штитеник на САД, и прогласи дека Панама „е во воена состојба“ со САД.
1991.- Пред египетското пристаниште Сафага потона фериботот „Салем Експрес“ удирајќи во корален гребен, усмртувајќи 474 патници.
1991.- Во Скопје, во Гранд хотел „Скопје“, за првпат се одржа манифестацијата за избор на најубава Ромка во Република Македонија. Титулата најубава ја понесе Лиза Јашарова.
1993.- Во Њујорк умре Мирна Лој, американска филмска актерка. Има остварено улоги во повеќе од 120 филмови. Родена на е на 2 август 1905 година.
1994.- По едномесечна политичка криза, Џон Брутон стана нов премиер на Република Ирска.
1997.- Умре Илија Црвенов, оперски пејач, првенец на Операта при Македонскиот народен театар и еден од доајените на македонската оперска уметност. Роден е во 1937 година.
1999.- Во Собранието на Република Македонија е извршена свечена инаугурација на новиот (втор по ред по осамостојувањето, по Киро Глигоров) претседател на Република Македонија – Борис Трајковски.
2000.- Украинскиот претседател Леонид Кучма нареди да се затвори нуклеарната електрана во Чернобил во која 14 години претходно се случи најголемиот инцидент во историјата на нуклеарните централи.
2004.- На југот на Франција свечено е отворен највисокиот друмски мост во светот „Мијо“, чиј највисок столб има 340 метри. Мостот, долг два километра, е заеднички француско-британски проект.
2006.- Јапонија за првпат после поразот во Втората светска војна доби Министерство за одбрана. До оваа одлука јапонската влада во својот состав имаше само Агенција за одбрана, формирана во очи на Корејската војна во 1954 година. Непосредно по капитулацијата во 1945 година, на Јапонија и е строго забрането да поседува вооружени сили.
2011.- Поранешниот француски претседател Жак Ширак е осуден на две години условна казна затвор во аферата со лажни фиктивни вработувања во градската администрација на Париз, додека тој беше градоначалник на француската престолнина. Седумдесет и седум годишниот Жак Ширак е прв поранешен француски претседател осуден во корекционелен суд. Тој беше отсутен од судењето поради здравствени проблеми.