
14 декември 2016 година
1503.- Роден е францускиот астролог Мишел де Нотр-Дам, познат како Нострадамус, личен лекар на францускиот крал Шарл IX, познат по своите предвидувања за иднината. Ја напишал книгата „Пророштва“ во која, најчесто на заобиколен и нејасен начин, ги предвидува случувањата во иднината.
1546.- Роден е данскиот астроном Тихо Брахе, кој ја подигна прочуената опсерваторија „Уранијенбург“ на островот Хвен од каде речиси две децении ги набљудува планетите, посебно Марс. Ја откри новата ѕвезда во соѕвездието Касиопија.
1788.- Умре германскиот композитор, чембалист и диригент Калр Филип Емануел Бах. Беше приврзаник на „чувствителниот стил“. Дела: дваесеттина симфонии, околу 60 концерти за клавир, камерна музика, сонати за клавир, кантати.
1799.- Умре Џорџ Вашингтон, американски национален јунак и прв претседател на САД (1789 – 1797). За претседател е избран и по вторпат во 1792 година. На третите избори одби да се кандидира и се повлече од политичкиот живот. Роден е на 22 февруари 1732 година.
1900.- Германскиот физичар Макс Планк ја објави „квантната теорија“, според која радијациската енергија потекнува од невидливи делови, кванта, и не е континуирана, како што порано се мислеше.
1911.- Експедицијата на норвешкиот поларен истражувач Роналд Амудсен стапи на Јужниот пол, дотогаш неосвоена точка на нашата планета. Еден месец подоцна тоа го направи и англискиот истражувач Роберт Скот.
1913.- Грчкиот остров Крит по Балканските војни и официјално стана дел на Грција.
1918.- Во Лисабон е убиен претседателот на Португалија Сидонио Паеш.
1918.- На изборите во Велика Британија жените за првпат гласаа и им беше овозможено да се кандидираат за парламентот.
1939.- Друштвото на народите го исклучи Советскиот Сојуз поради напад врз Финска.
1955.- Австралија, Албанија, Бугарија, Јордан, Камбоџа, Либија, Унгарија и Цејлон беа примени за членки на Обединетите нации.
1959.- Архиепископот Макариос Трети стана првиот претседател на Кипар.
1960.- Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Декларацијата за давање независност на земјите под колонијална управа и тој датум се одбележува како Ден на деколонизацијата. Во Декларацијата стои дека Обединетите нации „се уверени дека постоењето на колонијализмот го спречува развојот на меѓународните економски соработки и ги оневозможува социјалниот, културниот и економскиот развој на зависните народи“ и дека колонијализмот „е спротивен на идеалите за светски мир“.
1960.- Организацијата за економска соработка и развој е основана со потпишувањето на Париската конвенција, која стапи на сила во септември 1961 година.
1962.- Првата влада во која доминираа Африканци во британската колонија Северна Родезија (сегашна Замбија) ја формираше водачот на борбата за независност на земјата, Кенет Каунда.
1964.- Во Скопје, од едно импровизирано студио во Нерези и со една репортажна кола (по земјотресот на 26 јули 1963 година на Скопје му беа подарени стари репортажни коли од Велика Британија и од Италија), е емитуван првиот македонски ТВ Весник на РТВ Скопје. Со тоа почна редовната програма на ТВ Скопје.
1974.- Умре Волтер Липман, американски новинар. Тој остави длабоки траги во модерната политичка историја на Америка. Липман не ја создаваше политиката на САД, ниту беше одговорен за неа, но со своите толкувања, поддршки и негирања, значително влијаеше врз насоката во која одеше Америка. Роден е на 23 септември 1889 година.
1981.- Израел ја анектираше Голанската висорамнина која ја презеде од Сирија во војната во 1967 година.
1983.- Во Скопје умре Иван Антонов, доајен на македонското радио и телевизиско спикерство. За сите генерации слушатели на Радио Скопје или гледачите на Телевизија Скопје, Антонов беше и ќе остане еден од ненадминатите спикери. Неговата спикерска дејност започнува од 1947 година. За својата работа и за извонредното залагање е одликуван со Орден на трудот со сребрен венец. Роден е во село Хума, Гевгелиско, на 1 мај 1924 година.
1984.- Вашингтон и Хавана го потпишаа првиот договор по 1977 година, со кој е прецизирано 20.000 Кубанци да можат годишно да добиваат дозвола за населување во САД.
1989.- Умре рускиот нуклеарен физичар Андреј Димитриевич Сахаров, долгогодишен борец за политичка слобода и човекови права, како и противник на режимот на Леонид Брежњев. Добитник е на Нобеловата награда за мир во 1975 година. Творец е на советската хидрогенска бомба, но подоцна стана силен противник на нуклеарното вооружување.
1989.- Опозицискиот лидер Патрисио Ајлвин е избран за претседател на Чиле на првите слободни избори во земјата од 1970 година. Претходниот демократски избран шеф на државата, социјалистот Салвадор Аљенде беше убиен во воениот пуч во 1973 година, кој беше потпомогнат од страна на САД.
1997.- Новоизбраниот претседател на Иран Мухамед Хатами изјави дека е подготвен да го обнови дијалогот со САД. Тоа беше прва официјална најава по исламската револуција во земјата во 1979 година, кога САД и Иран се здобија со епитетот „големи сатани“.
1997.- Во Рим, на 33-годишна возраст умре Џовани Ањели, “некрунисаниот крал” на концернот ФИАТ, наследник на целокупното царство на ФИАТ.
2005.- Конвенцијата на Обединетите нации за борба против корупцијата стапи на сила. Таа е првиот обврзувачки глобален документ кој ја регулира борбата против корупцијата во државниот и приватниот сектор.
2013.- На 73-годишна возраст почина Мирко Павловски, истакнат долгогодишен уметник-виолончелист на Македонската филхармонија. Целиот работен век го помина во Македонската филхармонија, а беше и долгогодишен соработник на оркестарот на Македонската опера и балет. Павловски работеше со оркестрите што оставија аудио и видео записи во архивата на Македонската радио и телевизија од областа на сериозната музика, симфониски и камерни партитури и други музички форми. Учествуваше и во оркестри кои снимаа забавна и филмска музика со која што домашните изведувачи учествуваа на големите фестивали во регионот и пошироко.
###