На Хирургија нема лифтови – цела недела трае проблемот со цевководот за кислород, обвинува ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
316 прегледи

На Клиниката за хирургија – ТОАРИЛУЦ нема лифтови, се оперира на сопствен ризик, фирма моли за услови за добиена работа и ако ДУИ и СДСМ одат во опозиција не значи пациенти да умираат по ходници, обвини денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Како што кажа на прес-конференција, „ДУИ и СДСМ системски го уништуваат здравството до последен ден“.

„Ќе набројам три акутни состојби. Цела недела 4 лифта не работат, ниту двата мали кај влезот, ниту двата кај трауматологија, па пациенти со скршеници, но и оние што одат на контрола или во посета, или треба да одат по скали или да се туркаат со оние лифтови кон операционите сали. Цела недела, од минатата сабота трае проблемот со системот, односно цевководот за кислород до операционите сали. Цела недела нема испитување што е, што мириса, дали е загадено, дали навистина има јаглерод диоксид. Во меѓувреме, со потпис со лична согласност, луѓе се оперираат на сопствен ризик!? Докази за тоа има во самата Клиника, неколку операции се извршени, дури и една врз дете. А, ако е се во ред, зошто тогаш нема план за операции за од понеделник?

Делот КАРИЛ од 15 март има тендер од 2 милиони евра за санација потпишан на 15 март. А, сè уште, еве веќе трет месец, не се создадени услови за да се почне со санацијата, се работи за привремена соба во која треба времено да се сместат пациентите! Фирмата моли, со писма до Министерството за здравство да им се овозможи услови да почнат да работат.

Писмото е од  14-ти мај, сè уште нема ништо, Санацијата инаку би траела 3 месеци, а веќе трет месец не може да се почне да се работи на самата клиника“, рече Стоилковски.

Во хируршкиот блок при комплексот клиники „Мајка Тереза“, во функција само три операциони сали, во кои се извршуваат само исклучително итни операции. Другите веќе една недела се затворени, поради ширење непријатна миризба.

Од Министерството за здравство-молк. Нема одговори на прашањата дали проблемот е надминат, кога повторно би се ставиле во функција сите хируршки сали и која беше причината за нивното затворање.

Надзор на хирургија направија и инспектори од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, но оттаму велат дека немаат ингеренции да постапуваат понатаму, освен да го информираат Министерството за здравство. Пациентите кои не се третираат како итни случаи се препраќаат во другите здравствени установи во Скопје.

Слични содржини