Филмот „Кога денот немаше име” на Теона Стругар-Митевска ја освои наградата на Cineuropa на штотуку завршениот Фестивал за европски филм во Лече, Италија. 
– Оваа награда се доделува во соработка со Cineuropa, еден од најважните портали посветени на европскиот филм. Ваква награда овој филмски портал ја доделува на околу десет фестивали низ Европа, вклучувајќи го Берлин, Кан, Венеција. Жирито пред се ја оценува уникатноста и авторскиот јазик и со оваа награда им помага на филмовите за поуспешна дистрибуција во европските киномрежи, овозможувајки им презентација на нивниот интернет портал кој има огромна читаност и тежина во филмските професионални кругови, соопшти продукцијата Митевски.
Според тричленото жири, наградата му се доделува на филмот „Кога денот немаше име“ кој отсликува комплексни социјални проблеми на една млада генерација кои живеат на маргините на едно општество, отфрлени од дисфункционалноста и изгубеноста на семејствата.
– Приказната ја прикажува повеќеслојноста на едно општество во транзиција, каде национализмот и шовинизмот се наметнуваат како нови вредности. Режисерот со големо мајсторство им дава глас на новите генерации, кои се вклештени помеѓу патријархалните вредности и западните влијанија. Низ ненаметливи и спонтани дијалози режисерот не води низ атмосферата на еден обичен провинциски ден, кој ќе заврши неочекувано, истакнало жирито.
Продукцијата Митевски информира дека „Кога денот немаше име“ овој месец ќе учествува и на филмскиот фестивал во Линц, Австрија.