Најголемото изненадување на изборите во Србија: Несторовиќ успеа од политички аутсајдер да стане ѕвезда

од Stefanija Kuzmanovska
272 прегледи

„Ние – Гласот на народот“ е листата на контроверзниот доктор и теоретичар на заговор Бранимир Несторовиќ, кој е најголемото изненадување на изборите во Србија. Листата успеа да го мине прагот на државно ниво како и во Белград, каде можеше да има предност при доаѓањето на власт. Како што пишува „Блиц“, Несторовиќ успеал од политички аутсајдер да стане ѕвезда на изборите и патем го фрлил во неволја својот довчерашен партнер, Бошко Обрадовиќ.

Дури 180.000 луѓе на државно ниво и 50.000 луѓе во Белград гласаа за докторот кој вели дека богатите не заболуваат од рак и кој се залага за безброј теории на заговор. Иако неговата кампања беше речиси незабележлива во споредба со повеќето политички партии, Несторовиќ очигледно нашол канал преку кој ги анимирал своите следбеници. Според сите информации, тој таргетирал „целна група луѓе од маргините, во мрачните длабочини на Интернет, антиваксери и теоретичари на заговор“ и на нивните крила за првпат влезе во парламентот и градското собрание.

Несторовиќ е пензиониран пулмолог чии ставови се „безброј пати демантирани од реалноста“. На крајот на 2021 година го основаше движењето „Витези од редот на змејот“. Тој рече дека тие не се ниту политичко ниту хуманитарно движење, но не исклучи дека ќе влезат во политиката. На последните избори го поддржа Двери, а сега излезе самостојно.

Несторовиќ е познат по прекарот „Доктор Хаос“ поради неговите теории на заговор, а како член на Кризниот штаб за борба против коронавирусот се облече во костим на кловн и ги поканил луѓето „да одат на шопинг во Милано“. Тој им порача на граѓаните да не носат заштитни маски и дека вакцината не е тестирана. Тој, исто така, рече дека бремените жени не треба да се вакцинираат и дека мажите „можеби ќе сакаат да ја замрзнат својата сперма“ пред вакцинацијата.

Слични содржини