
Брисел – Најскапата работна сила лани во ЕУ била во Данска и Белгија, а најевтина во Бугарија и Романија, според податоците на службата за статистика на Евростат. Цената на трудот по час во ЕУ во просек изнесувала 25,4 евра, а во еврозоната 29,8 евра, се наведува на официјалната интернет страна на Евростат. Најголемата цена на трудот по час била лани во Данска 42 евра, потоа во Белгија 39,2 евра, Шведска 38 евра, Луксембург 36,6 евра и Франција 35,6 евра. Најмалата цена на трудот по час била во Бугарија 4,4 евра, потоа во Романија 5,5 евра, Литванија 7,3 евра, Летонија 7,5 евра, Унгарија 8,3 евра и Полска 8,6 евра.
Берлин – Компанијата Nord Strim 2AG изведувач на гасоводот Северен тек 2, поднесе барање во Германија за добивање на дозвола за реализирање на проектот. Јавното разгледување на документацијата за изградбата и експлоатацијата на „Северен тек 2” ќе биде одржано во Германија од 18 април до 17 мај, наведено е во соопштението на компанијата. Документацијата за изградба на делница долга 85 километри, која поминува преку територијалните води на Германија, ќе биде достапна за јавно разгледување во германската федерална покраина Макленбург – Горна Померанија од 18 до 17 мај.
Пекинг – Девизните резерви на Кина се зголемени во март, иако во послаб обем, бидејќи мерките за контрола на капиталот и паузата во јакнењето на доларот, помогнаа за спречување на одлив на капиталот. Девизните резерви минатиот месец пораснаа 3,96 милијарди долари, на вкупно 3.009 милијарди долари, во однос на февруарското зголемување од 6,92 милијарди долари, кога резервите пораснаа на 3.005 милијарди долари, што беше прв раст за осум месеци.
Сиднеј – Здружението за заштита на потрошувачите во Австралија го тужи Епл бидејќи не овозможил трето лице да замени напукнат екран на ајфон. Како што се наведува во тужбата, Епл спречил ангажирање на софтвер на стотици паметни телефони и таблети па практично е невозможно уредите повторно да проработат ако биле на сервис. Компанијата одби да ги „отклучи” бидејќи наводно купците имале уреди кои се обиделе да ги сервисираат „неовластени лица”.
Франкфурт – Високиот претставник на американската Управа за федерални резерви Џон Вилијамс рече дека американската централна банка разгледува намалување на својот голем посед на обврзници. На конференција во Франкфурт Вилијамс рече дека ФЕД ќе оди полека бидејќи намалувањето на големината на поседот над обврзници ќе води кон повисоки долгорочни камати, а дури можат да пораснат и краткорочните стапки. Тој рече дека американската економија е во добра состојба и дека стегањето нема да биде претерано „се додека се оди постепено”.
Вашингтон – Фабричката активност во САД во март остана силна, бидејќи речиси секоја индустриска гранка пријави раст. Сепак, индексот за менаџери на набавка ПМИ, кој го мери активноста во фабриките, падна за 0,5 процентни поени на 57,2 поени од 57,7 поени од февруари, што беше најголем ПМИ за повеќе од две години, соопшти американскиот Институт за управување со набавка ИСМ. Секој податок над 50 поени укажува на јакнење на секторската активност, а под 50 на нејзин пад.
Сан Хуан – Добитникот на Нобелова награда за економија Џозеф Стиглиц, го критикуваше новиот фискален план на Порторико. Тој наведе дека „драконските” мерки за штедење во таа земја се најлоши кои некогаш ги видел и дека ќе предизвикаат уште подлабока рецесија на таа американска територија. 10-годишниот фискален план, кој минатиот месец го усвои федералната надзорна комисија, а чиј основач е американскиот Конгрес, според неговите зборови, се темели на погрешни принципи и ги става доверителите на прво место, што како што оценува тој е целосно погрешно./МИА