Најубавиот мост во Ротердам „ќе настрада“ поради суперјахтата на Безос

од Nikola Popovski

Мостот Конингсхавен, кој се наоѓа во Ротердам и има историска вредност, ќе биде демонтиран за да може да помине суперјахтата на сопственикот на Амазон, Џеф Безос.

Јахтата за милијардерот ја изградила холандската компанија Океанико, долга е 127 метри и висока 40 метри, поради што не може да помине под мостот.

Мостот Конингсхавен, локално познат како Де Хеф, ќе биде демонтиран во централниот дел, и тоа само привремено додека јахтата не ја помине оваа локација, пренесува Ројтерс.

Овој потег предизвика незадоволство кај граѓаните, бидејќи мостот има долга историја и сега е национален споменик, а големо реновирање беше направено меѓу 2014 и 2017 година, кога официјалните лица изјавија дека тој повеќе нема да се демонтира.

Сепак, потегот го оправдуваат со договор дека со отворањето на нови работни места за изградбата на јахтата ветуваат дека ќе се овозможи нејзино поминување и дека мостот повторно ќе се изгради.

Друго решение нема, бидејќи мостот се наоѓа на единствениот излез кон морето. Исто така, не било практично да се заврши работата за изградба на јахта на друга локација.

Исто така, за официјалните лица е важно Ротердам да ја задржи својата репутација како „поморски главен град на Европа“, бидејќи бродоградбата и активностите во овој сектор се важен столб на општеството.

Процесот на демонтирање и повторно составување на мостот најверојатно ќе се изврши во текот на летото.

Јахтата позната како Y721 ќе биде најголема од ваков вид во светот и ќе има и помошна јахта и хелиодром.

Јахтата на Безос чини 485 милиони долари.

Слични содржини