Лето, сонце, море и прекрасни плажи се вистинската формула за среќа. Топлото време во кое уживаме нѐ инспирира да патуваме. Сигурно веќе сте чуле за познатите европски места за летување како што се Ибица и Сицилија. Но, кои се оние скриени убавини во Европа кои туристите сѐ уште не ги откриле?
Според Condé Nast Traveler, специјализираниот магазин за патувања, ова се најубавите скриени острови во Европа, совршени за создавање нови приказни во вашите дневници за патување.
1. Елба, Италија
Третиот најголем остров во Италија е релативно непознат за странските туристи, иако во историјата е запишан како местото каде што бил прогонет Наполеон. Но, тука ќе најдете неверојатни пејзажи каде што се испреплетуваат чисти плажи и заливи идеални за нуркање во најголемиот национален парк на тосканскиот архипелаг. Посебно атрактивни се падините на зелените шуми и планинските врвови.
2. Бел Ил ен Мер, Франција
Овој прекрасен остров, со сигурност, би бил тема на неколку слики на Клод Моне. На прекрасното пристаниште ќе можете да пробате вкусни локални специјалитети. Исто така, тука можете да уживате во природни спа третмани со лековитата морска вода во Кастел Клари.
3. Вис, Хрватска
Вис е еден од најоддалечените острови во Хрватска, но бескрајно шармантен. До Вис можете да дојдете со траект од Сплит, а возењето трае околу два часа. Овде ќе бидете маѓепсани од богатите вкусови на храна и вино, а посебно ќе уживате во свежите морски плодови. Вис има мирна енергија и доза мистичност, карактеристики по кои се разликува од останатите туристички места на Јадранот. Со леснотија ќе се препуштите на хедонизмот покрај смарагдните води на островските плажи како Сребрена и Стончица.
4. Силт, Германија
Силт многумина го нарекуваат германска верзија на Хемтпон. Овој отров на Северното море прави баланс меѓу отменото и удобното. До островот се доаѓа со кратко возење со траект, а островот мами гости од Берлин и Хамбург, кои доаѓаат за да ги посетат прекрасните плажи. Исто така, не можете да кажете дека сте го доживеале Силт без да уживате во бар на плажата Занзибар.
5. Готланд, Шведска
Шведскиот начин на живеење е најинтересен за време на долгите летни денови, поминати на островот Готланд. Патувањето до тука е многу лесно бидејќи островот е одлично поврзан со траекти и авионски летови, а престојот на Готланд е совршено бегство од реалноста, место каде што ќе можете да посетите кафулиња во средновековните ѕидини на градот Визби, да прошетате низ боровата шума или едноставно да се опуштите на некоја изолирана плажа.
6. Фавињана, Сицилија
Ова е многу посебно место во архипелагот Егади, со тиркизна вода на секој чекор. Овде ќе наидете на многу туристи кои уживаат во возење велосипед, а заливот Кала Роса е особено убаво место за пливање. Најживописното место на островот е во И Прети, ресорт каде што можете да пиете утринско капучино со поглед на заливот Фавињана.