Наместо препораки за штедење, бизнис заедницата бара непрекинато снабдување со електрична енергија 

од Vladimir Zorba

Стопанствениците во Македонија веќе со месеци наназад применуваат мерки за заштеда на електрична енергија а кои вчера, во форма на препораки ги објави Владата. Соочени со високите цени на енергенсите кои континуирано ги зголемуваат нивните трошоци за производство и свесни дека енергијата е неопходна за одржување на бизнисот,  тие на  секој начин се обидуваат да не дојде до прекин на производството.

„Затоа многу компании веќе инвестираа во соларни панели за производство на струја од сончева енергија, а потрошувачката на нафта и гас ја намалуваат на максимално можно ниво. Барањето од бизнис заедницата е наместо со повици Владата да се ангажира да се обезбеди непрекинато снабдување со струја и енергенти во текот на престоечките месеци. На тој начин Владата нај многу би помогнала за опстанокот на компаниите и работните места, а со тоа би се избегнала рецесија“, изјави за „Локално“,  Ангел Димитров од Оргнизацијата на работодавачи на Македонија.

Оттука, според него,  препораките  се добронамерни, но се особено значајни за домаќинствата и јавниот сектор. Оваа препорака како што вели,е важна за побогатите семејства кои имаат доволно средства да ја платат потрошената електрична енергија, но мора да бидат свесни дека ако не се штеди може да дојде до недостиг на струја и да се воведат рестрикции кои ќе ги погодат и оние кои можат да платат повисока цена на струјата.

Според Димитров,  поголема грижа за средствата што се користат од буџетот мора да покаже и јавниот сектор, особено институциите кои се финансираат од буџетот иако рестрикциите и нив би ги погодило како граѓани.

Позитивна забелешка во однос на препораката на Владата за штедење која ќе се однесува на јавните институции искажа и Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи. Во изјава за „Локално“, тој објаснува дека приватниот сектор при примената на овие мерки ќе мора да внимава на континуитетот на работата и безбедноста и здравјето на работа.

Мерките за заштеда на електрична енергија се прифатливи, но во одредени дејности не можат да се спроведат во целост, особено не во енергетско зависни производствени и услужни дејности. Добредојдени ќе бидат, насоки, објаснувања и технички концепти/процедури  за “приближување” на постапките на заштеда до потрошувачите и деловниор сектор“, вели Бошков.

Зоран Витанов  од Асоцијацијата на менаџери, има многу помалку помалку верба во препораките на Владата. Тие според него се беспредметни во рамки на севкупниот политички декор.

„Ако сакаме заштеди од 30 % а не од 15% , треба да ги исклучиме СДСМ и ДУИ, а не светилките“, изјави кусо Витанов за „Локално“.

К.В.С.

Слични содржини